Охриѓани денес имаат можност да направат бесплатни ЕКГ прегледи и мерење на крвен притисок, но и да добијат совети за покачениот крвен притисок и кардиоваскуларните заболувања.
По повод Светскиот ден на хипертензијата, Крка фарма Скопје во соработка со Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид, Специјализираната болница за нефрологија Струга, Здружението за мозочен удар од Охрид и Црвен крст Охрид до 16 часот на Градскиот плоштад организираат настан за подигање на свесноста на граѓаните на Општина Охрид за значењето на хипертензијата како еден од најзначајните ризик фактори кои го засегаат здравјето на луѓето.
Директорката на Болницата „Свети Стефан“, Елена Коваческа-Башуроска ја истакна важноста од укажувањето на ризиците што ги носи хипертензијата, важноста од превенцијата, нејзиното рано детектирање и соодветен третман.
Во нашата установа бележиме намалување на старосната граница на пациенти кои доаѓаат со и поради хипертензија. Се уште официјални статистички податоци за државата и регионот нема, но она што секојдневно го бележиме е се повеќе млади пациенти со покачен крвен притисок, рече таа.
Како главни причини таа укажа на нездравата исхрана, нерегулирана телесна тежина, физичката неактивност, пушењето…
Важноста на превентивните прегледи е клучна во откривањето на пациентите со хипертензија, рано започнување со терапија како би се минимизирале последиците на покачениот притисок врз здравјето на луѓето, истакна таа.
Кардилогот Филип Танески ја потенцираше, исто така, важност од редовните прегледи и контроли во зависност од возрасната граница на пациентите, но и семејната анамнеза.
Во зависност од возраста, меѓутоа, по препораките кај млади пациенти од 20-30 години еднаш на 5 години, пожелно е да се мери притисок доколку немаат никакви симптоми. Доколку имаат семејна анамнеза на покачен крвен притисок, би било пожелно почесто, еднаш годишно, еднаш на две години, вели Танески.
Марија Мојсоска Апостолова од „Крка Фарм“, кои денес беа дел од организацијата на овој настан, изрази надеж дека со се почестото организирање на вакви настани ќе се допринесе да се подигне свесноста кај граѓаните да одат на редовни контроли и да се грижат за своето здравје
Инаку, податоците за оваа болест покажуваат дека дури и во земјите со најразвиени здравствени системи третманот е субоптимален. Покачениот крвен притисок доведува до оштетување на низа органи и органски системи (срце и крвни садови, мозочен удар, бубрези…) и е виновник на огромен број смртни случаи кои е возможно да се превенираат. Токму во таа насока е и денешниот настан во Охрид, да се укаже на потребата за редовно контролирање и третман на оваа болест.
OhridNews