По повод Светскиот ден на борба против остеопорозата, 20-ти Октомври, денеска во просториите на Црвениот крст Охрид се одржа предавање на тема „Остеопорозата- значаен проблем во стоматологијата“.

Присутните имаа можност да се едуцираат за опасностите од ова системско-ендокринолошко заболување, трите фази низ кои поминува коскената маса, значењето на витамините и минералите врз човековото здравје, како и неколкуте начелни совети за превенција и заштита од остеопороза.

Главен акцент на предавањето беше ставен на остеопорозата како значаен проблем во стоматологијата со сите тие промени кои настануваат во виличните коски. Кажавме и за превенцијата, која што претставува најдобар лек за ова заболување. Беа нагласени сите оние работи кои придонесуваат за здрави коски, како употреба на калциум и витамин Д, односно поголема физичка активност.“ – рече д-р Кристина Стојаноска Алоска.

Според статистичките податоци, повеќе од 125 000 луѓе во земјава страдаат од ова заболување, а за ризични групи се сметаат жените во менопауза, лицата кои имаат фамилијарна историја на остеопороза, оние со слаба физичка градба, односно мажите каде е намалено нивото на тестостерон.

Превенцијата за ова заболување започнува уште во детството со правилна избалансирана исхрана богата со калциум и витамин д, како и физичката активност која води до зајакнување на коските во детството и младоста до 30-тата година од животот. Доколку не сме во можност сето тоа да го обавуваме, постојат вештачки суплементи со кои можеме да ја земеме препорачаната дневна доза.“ – потенцира Стојаноска Алоска.

Според дефиницијата на Светската здравствена организација, остеопорозата е системско метаболно, ендокринолошко заболување кое се карактеризира со ниска коскена маса и подложност на скршеници кои носат несогледливи последици за здравјето и висок морталитет. Главната причина за појава на оваа болест е намалувањето на нивото на естрогените хормони, кај жените, односно тестостеронот кај мажите. Според статистиката во Македонија, секоја трета жена и секој петти маж имаат остеопороза.

OhridNews