Новоизбраниот монах Георгиј е предлогот на Архиепископот Стефан за избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, објави порталот Религија.мк. Архиепископот, посочуваат, дека предлогот го испратил до членовите на Синодот, а седницата за избор ја закажал за 12 јуни оваа година.
Во известувањето Архиепископот пишува дека го предлага јеромонахот Георгиј за ракополагање во епископски чин и избор на Митрополит за Дебарско-кичевската епархија, објави порталот Религија.мк
Отец Георгиј (Ѓоко Ѓоргевски) е поранешен декан на Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ и поранешен амбасадор во Ватикан. Замонашен е на 27 мај, следниот ден, 28 мај е избран за јероѓакон, а денеска за јеромонах.
Изборот на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија треба да биде момент на заедништвото и на радост. Наместо тоа, добиваме нетранспарентност, молк и една крајно чудна постапка: шест месеци без ниту едно официјално соопштение; без вклучување на верниот народ; и на крај само еден кандидат, предложен во последен можен момент, реагира во статусот на Фејсбук универзитетскиот професор и поранешен пратеник Александар Спасеновски.
МПЦ-ОА има Устав. Во член 73 јасно се наведува: Епископ се избира од редот на монаштвото кој не е помлад од 30 и не е постар од 60 години, има богословско образование и го краси добар глас помеѓу верниците и свештенството. Владиката Партениј не само што ги исполнува критериумите, тој на свој начин сведочи за нив со години. Ретки се монасите што со толкава посветеност останале на едно место и уште поретки се духовните водачи чие дело се гледа и во Црквата и надвор од неа. Неговото присуство е веќе длабоко впишано во животот на Дебарско-кичевската епархија. Овој избор нема да помине без последици, не само затоа што се заобиколува Владиката, туку и затоа што процесот беше затворен, нетранспарентен и, уште полошо, неискрен и злонамерен. Доколку на вистинскиот кандидат не му се дава ниту можност, тогаш што навистина се штити во оваа постапка?, вели Спасеновски.
Поддржувачи на Епископот Партениј од Охрид денес на градскиот плоштад со почеток во 18 часот ќе одржат мирен собир во знак на поддршка и благодарност за неговото духовно, културно и општествено влијание и придонес во развој на Дебарско-кичевската епархија.
Незадоволство владее и помеѓу граѓаните во стариот дел на градот. Тие сметаат дека наследникот на Владиката Тимотеј треба да биде човек од епархијата, духовен, учен и народен. Како таков го посочуваат Отец Никодим од Светиклиментовиот храм. Најавија дека и гласно ќе го соопштат својот став преку петиции, протести и други форми на јавно изразување, посочувајќи дека доколку црквата не го послуша народот може да дојде до несакани поделби кои крајно негативно ќе се одразат не само на црквата, туку и на верската заедница.
OhridNews