Збогатување на понудата за активен одмор во регионот со креирање на нов туристички производ од областа на планинскиот туризам е целта на новиот туристички производ „BALKAN HIKING ADVENTURE“ кој ќе биде презентиран денеска во Охрид.
Производот „BALKAN HIKING ADVENTURE“ е креиран во текот на 2015 година со поддршка на Германското Друштво за меѓународна соработка – ГИЗ , преку Сојузното Министерство за меѓународна соработка и развој на Германија – БМЗ, со цел поттикнување на економскиот развој во пограничните области на Полошкиот, Југозападниот и Пелагонискиот регион. Производот вклучува водич, 6 мапи за патеките поделени по планински масиви, телефонска апликација за Андроид и iOS платформа како и веб страна.
-Овој производ се состои од 37 креирани и обележани планинарски патеки на Шар Планина, Бистра, Дешат, Крчин, Стогово, Јаблница, Галичица и Баба од кои 8 патеки се трансационални. Со погранично поврзување преку зелени премини производот станува регионален и овозможува при една посета да се доживеат три земји: Македонија, Косово и Албанија. Патеките можат да се користат како еднодневни тури или да се комбинираат во повеќедневен активен одмор. Во производот се вклучени и сместувачки и угостителски објекти вдолж патеките како и места од интерес поврзани со богатото културно и природно наследство на регионот, информираат креаторите на туристичкиот производ.
Покрај идентификацијата и бележењто на патеките, со цел да се подобри квалитетот на понудените услуги, ГИЗ поддржа реновирање и опремување на 8 селектирани објекти како и обуки за понудувачите на туристички услуги. Воедно 15 млади луѓе од поширокиот регион се поддржаа со обука за професионални водичи во планина по меѓународниот ИМЛ стандард.
OhridNews