„Ликовната колонија“, „Спортскиот камп“, „Летната школа по македонски јазик“ и „Фолклорниот фестивал“ се дел од проектите на Агенцијата за иселеништво на Република Северна Македонија што ги организира во летниов период со цел презентирање на македонската култура, традиција, јазик и историја пред иселениците од дијаспората.

Во рамки на активностите, како што соопштија од Агенцијата, во Охрид се одржа вториот по ред Спортски камп посветен на децата од дијаспората. Учесниците во Спортскиот камп, велат од Агенцијата имале тренинг натпревар со децата од К.К Охрид и заеднички уживале во натпреварот и другарувањето.

Овој проект има за цел да ги поттикне младите генерации на здрав и спортски живот, а воедно преку дружба и едукативни содржини ја запознаат одблиску земјата на нивото потекло, велат од Агенцијата.

На средбата, свое обраќање имал и директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски, кој на учесниците им посакал добредојде со желба за успешно учество во Спортскиот камп, со надеж за идна соработка и учество во следните активности на Агенцијата.

Воедно Агенцијата за иселеништво во период од 25 до 31 јули 2022 година ќе ја реализира и Летната школа по македонски јазик, наменета за децата на иселениците, на возраста од 12 до 16 години. Овој проект на Агенцијата, има за цел на младите генерации на иселеници да им го доближи, а воедно и да учествува во едукацијата во изучувањето на македонскиот јазик. Покрај класичната настава за јазикот, ќе се одржуваат едукативни работилници, спортски активности, игри на вода, плажа, екскурзии и посети на интересни места во градот, информираат од Агенцијата.

Од големо значење е, велат и зачувувањето на македонската култура и традиција, па за таа цел Агенцијата за иселеништво во период од 20 до 24 јули 2022 година во Охрид ќе го организира и Иселенички фолклорен фестивал на кој учество ќе земат четири културно – уметнички друштва од иселеништвото.

Покрај настапите ќе се одржуваат и работилници со еминентни културно уметнички работници за продуцирање на народна музика, кореографии и изработка на носии. За време на престојот во Охрид ќе се организираат посети на значајни културно-историски знаменитости, додаваат.

OhridNews