Апликацијата содржи повеќе опции, меѓу кои и мапи кои со користење на ГПС сигнал, на сите кои ја имаат апликацијата на својот телефон, ќе им овозможи да ги обележат и посетат најзначајните туристички атракции во градот. Апликацијата овозможува и да се селектира што е најзначајно и зависно од локацијата да се посети, а при тоа и да се прочитаат основните податоци за локалитетот на македонски и англиски јазик.
Апликацијата нуди и можност познатите атракции во градот да се излистаат по назив, а овозможува и при движење со мобилниот телефон, самата апликација да ги наоѓа локациите кои се во близина и да покажува во кој правец се наоѓаат и на која одалеченост.
– Ова е последен збор на технологијата. Се надеваме дека оваа новина во екот на туристичката сезона ќе биде многу пати користена, од страна на туристите, но воедно ќе им помогне и на туристичките водичи за поквалитетно извршување на задачите и на многу поатрактивен начин да ги презентираат убавините на Охрид и Македонија, рече при презентацијата министерот Ивановски.
Како што потенцира кандидатот за градоначалник од коалицијата „За подобра Македонија“, Никола Бакрачески, проектот е доказ за самата определба на коалицијата- за имплементација на најновите информатичко технолошки техники во современата презентација на туристичките блага на Охрид.
– Со овој проект идната локална самоуправа во соработка со министерството за информатички технологии и владата ќе овозможи јасна, современа и технички олеснета презентација на културно- историските знаменитости на градот и ќе претставува моќно оружје за поефикасно презентирање на благата со кои располага Охрид, изјави Бакрачески.
По Охрид, апликацијата „Македонски водич“ ќе биде презентирана и во останатите градови во Македонија.











