Во советот на општина Охрид денеска беше презентирана и со акламација изгласана изготвената Студија за валоризација на Охридското Езеро, со цел негово препрогласување на ова заштитено подрачје во „Споменик на природата“.
Можеби малку збунува тоа што има повеќе степени на заштита на Охридското Езеро, тоа се бројни документи меѓу нив Планот за управување со светското и културно наследство на Охридскиот регион, Сарската конвенција, Прекуграничниот резерват Охрид-Преспа, Номинацијата за Натура 2000 подрачје, Менаџментот на сливното подрачје на Охридското Езеро, како и скоро усвоената Студија за Студенчишко Блато како заштитен предел, рече Даниел Богнер изготвувач на студијата.
Студијата за валоризација се однесува само на Охридското Езеро, односно само за водата, не и за копното. Направено е зонирање на езерото, а околу 11% од целокупната површина е зона на строга заштита.
Тоа се подрачја кои според одредени критериуми се исклучително важни за бројни видови, како што се мрестилишта за риби, места каде што живеат птици. Од овие причини во овие подрачја предложена е забрана за рибарење, нуркање и слични активности. Во зоната пак за одржливо користење, всушност е претставен главниот коридор на Охридското Езеро, каде што ќе биде дозволено односно ќе треба да се движат големите патнички бродови и глисерите, но со ограничување на нивната брзина. Во зоната за активно управување, се направени малку рестрикции, односно дозволено е движење на кајчиња и катамарани, но со услов во следниот транзиционен период до 2025 година да се создаде множност за префрлање на нивните мотори на електричен погон.
Богнер додава дека рибарите за спортски риболов може да рибарат во зоната за одржливо користење и во зоната за активно управување, додека комерцијалното рибарење треба да биде исклучиво во согласнот со концесијата. Глисерите не смеат да се движат во другите зони, односно смеат да се движат само во зоната за одржливо користење и мора да им биде ограничена брзината за движење. Мојот прв предлог беше целосно да се забрани употребата на глисерите, но од одредени засегнати страни ми беше посочено дека ќе имаме проблеми со имплементација и поради тоа се направи овој предлог, додаде Богнер.
Државата треба да формира тело кое ќе управува со Охридското Езеро. Од несомнено значење е да се спомне дека потребно е модернизирање на Колекторскиот систем. Проблемот со марината исто така треба да биде решен. Управувачкото тело треба да биде оформено од Владата. Во извршниот борд пак, предлагаме да има пет члена, по еден член од општина Охрид, Струга и Дебрца, член од Министерство за транспорт и врски односно од Капетанија на пристаништа и член од Министерство за животна средина и просторно планирање, истакна Богнер.

Советникот Гоце Герасимоски, упати прашање во однос на тоа дали смета дека марината треба да остане на локацијата кај што се сместуваат сега бродовите и кајчињата, на што Богнер одговори дека апсолутно треба добро место да се најде за марината кое ќе ги исполнува сите потребни услови. Предлагам да се направи студија за изработка на марината во која ќе се земат предвид исполнувањето на сите потребни услови, на пример техничките, економски услови, условите кои се однесуваат на заштитата на животната средина. Добра идеја е да има барем две марини, една кај Сатеска можеби и една во Охрид. Но, ова не беше дел од мојата студија посочи Богнер.
На крај потенцираше дека ако се успее да се имплементираат сите предложени забрани предвидени во Студијата за валоризација на Охридското езеро, ќе биде многу добро за езерото.
По одобрувањето од советот на Општина Охрид, Студијата за валоризација на Охридското Езеро, ќе треба да се достави до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Н.С.Ј.













