
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски имаше поздравен говор и воведно излагање, и заедно со останатите членови од АППТ одржаа двочасовна успешна презентација пред повеќе од 70 туроператори и туристички агенции од Бугарија.
Џамбазовски изјави дека Македонија и Бугарија како две соседни земји имаат многу заеднички можности, две земји чија сегашност и историја се нераскинливо поврзани. Една од нив е туризмот, односно туристичката размена.
„Македонскиот туристички производ станува поконкурентен на светскиот пазар и се зголемува туристичкиот промет во државава. Следејќи ги светските трендови Владата на Република Македонија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот преку проектите кои се во фаза на реализација и нови предвидени проекти дејствуваме во создавање услови за унапредување на туристичкиот производ и значително збогатување на понудата и туристичките содржини”, изјавил Џамбазовски.
Според официјалните податоци, во 2013 година, бројот на странски туристи кои ја посетиле Македонија се зголемил за 15 проценти.
Бројот на бугарски туристи во 2013 година е 21 илјада, додека бројот на ноќевања е 40,473. Во последните неколку години бројот на бугарски државјани кои дошле во Македонија е пак зголемен за извонредни 35 отсто. Што се однесува на бројот на ноќевања во 2013 година е зголемен за 15 проценти во споредба со последните неколку години.
OhridNews
Извор: „Макфакс“












