На прво обвинетиот во судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“, капетанот Сотир Филески,   да му се изрече алтернативна мерка а не ефективна законска мерка, побара застапникот на дел од оштетените  бугарски туристи што ја преживеаа несреќата што се случи на 5 септември 2009 година. Тој во завршните зборови, денеска, образложи дека според преживеаните патници капетанот  на бродот „Илинден“ сторил се што е во негова можност за да спаси што поголем број патници во критичниот момент, при што го жртвувал и сопствениот живот.

Правните застапници на преживеаните бугарски туристи, како и на семејствата на жртвите во завршните обраќање пред судскито совет што го води процесот, потенцираа дека одговорноста за несреќата мора да се прошири и на администрацијата, односно државните служби. Според нив доколку се степенува одговорноста како првообвинета би била токму администрацијата, потоа овластениот претставник на германски Лојд, и дури на крајот одговорност да сниси капетанот на бродот. Таквото барање го образложуваат со тоа што доколку биле испочитувани предвидените процедури односно стандарди за безбедност во сообраќајот, немало да се случи големата несреќа при која животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија.

Полмномошникот на семејствата на жртвите од бродската несреќа побара судот да ги упати оштетените странки оштетните побарувања да ги побараат во посебна граѓанска постапка, во која, како што рече, ќе биде точно утврдена одговорноста на сите субјекти што придонеле за  несреќата.

Во завршниот збор Јавниот обвинител истакна дека од доказната постапка е утврдено дека обвинетите, капетанот Сотир Филески и овластениот застапник на германски „Лојд“ Бранко Баиќ се одговорни за делото за кое се товарат, „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и побара да им се изрече казна согласно законот.

На денешното завршно рочиште за  потонувањето на бродот “Илинден“ одбраната на капетанот Сотир Филески побара судот при донесувањето на пресудата да не се води од сентименталниот момент односно бројот на жртвите во несреќата, туку акцентот да се стави на законските одредби предвидени за вакви случаи, според кои капетанот на бродот нема одговорност за настанатата несреќа, бидејќи согласно издадените сертификати, техничките прегледи и документцијата за пловидба, бродот „Илинден“ бил исправен и немало никакви ограничувања на бројот и распоредот на патниците во пловниот објект. Одбраната, исто така, истакна дека одговорност за несреќата имаат и надлежните државни институции кои се задолжени за безбедност на водниот сообраќај.

Одбраната на второ обвинетиот, Бранко Баиќ, истакна дека судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“, наликува на недовршена приказна, бидејќи и покрај изведените 90-на докази, сеуште не се потврдени наводите во обвинението. Уште повеќе одбраната на Баиќ упатува забелешка до судскиот совет што не побарал вештачење од специјализирана агенција за бродски несреќи, какви што постајат во соседните држави, но не и во Македонија. Одбраната на второ обвинетиот запраша зошто тој се товари со обвинението кога во својот извештај по извршениот технички преглед востановил забрана за користење на горните палуби за превоз на патници. Таа посочи дека бродот „Илинден“ кога се вршел техичкиот преглед бил исправен и дека обврска на Капетанијата била да го контролира во пловидбата, поради што бранителите побараа Баиќ да биде ослободен од обвинението.

Г.М.