При изведба на градежни работи на индивидуален објект во старото градско јадро во Струга срушен е јужниот ѕид од стара струшка куќа на македонскиот пистател Владо Малески, заштитена како културно наследство.

Министерот за култура Зоран Љутков информираше дека има значителни оштетувања на споменикот на културата во Струга и дека е струшен јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција на  споменикот на културата кој се наоѓа на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга.

Стручните лица од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид извршија увид на лице место и констатираа сериозни оштетувања, рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ на соседен објект. Наодите и предлозите веќе се доставени до Управата за заштита на културното наследство – Скопје, а инспекциската служба ќе постапи согласно своите надлежности. Нашата цел е јасна – целосна заштита и зачувување на културното наследство кое претставува непроценливо богатство за сите нас, рече Љутков.

Посочува дека Министерството за култура и туризам остро реагира на секој чин на неодговорност и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти.

Ги повикувам сите инвеститори и граѓани да се придржуваат до законските процедури и условите за заштита, затоа што секој ваков споменик е дел од нашата историја, идентитет и гордост, додава Љутков.

OhridNews

фото. Министерство за култура