На Уставен суд ќе бидат дадени законите со кои се воведува плаќање придонеси за хонорарците. Претставката ја подготвуваат синдикатите, невладините, граѓанските движења и здруженија, кои застанаа против законски измени и организираа протести во декември, објави „Вест“
Здравко Савевски од движењето „Солидарност“ вели дека претставката нема да биде пуштена, се додека не видат како Владата ќе ја спроведе целата процедура, односно дали придонеси ќе плаќаат и избраните и именувани функционери.
-Не верувам дека Уставниот суд ќе донесе правилна одлука во овој момент. Сепак, тоа нема да биде наша главна активност. Незадоволството е зголемено и подготвуваме нови протести по празниците. Кога точно ќе се случи тоа, во овој момент не можам да кажам, вели Савевски.
Од граѓанските организации велат дека една од оспорените одредби на петте закони се однесува на изедначувањето на договорите за вработување, регулирани со Законот за работните односи, со посебните договори за извршување определена работа, како што е изработка или поправка на некој предмет или извршување на некоја физичка или интелектуална работа, регулирани со Законот за облигациони односи.
-Лицата што потпишале вакви посебни договори не можат да се подведат ниту под вработени лица во смисла на член 32, став 2, 3, и 4 од Уставот на РМ, кој гласи: ‘Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, секој вработен има право на соодветна заработувачка и секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат’, велат од организациите.
Согласно последните законски измени кои стапија во сила на 1 јануари годинава, хонорарците чии примања се повисоки од минималната плата (9.590 денари) во земјава се задолжени да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување.
OhridNews
Извор:„Вест“