Пред малку, во кабинетот на струшкиот градоначалник Зијадин Села, заврши втората по ред средба за надминување на проблемите околу изградбата на црквата Свети Димитрија во селото Октиси.
По средбата на која учествуваа дебарско- кичевскиот митрополит г. Тимотеј и струшкиот муфтија, Салим Сулејмани, беше истакнато дека е постигнато придвижување во однос на преземените напори за смирување на страстите и сочувување на сожителството во Октиси.
– Откако страстите ќе се смират очекувам дека ќе започне изградбата нa верскиот објект, односно параклисот на Свети Димитрија на предвиденото место во Октиси. Разговорите продолжуваат , Исламската верска заедница презеде обврска да разговара со верниците муслимани, а ние со своите, се со цел да се дојде до соодветно решение, изјави митрополитот г. Тимотеј по средбата.
Струшкиот муфтија Сулејмани ја поздрави иницијативата на градоначалникот Села, преку разговори и дијалог да се најде решение за проблемот.
– Разговаравме за соживотот и како да ја зачуваме нашата култура која ја негуваме со години и која не смее да се наруши ниту за момент. Даваме отворена поддршка да се изнајде решение, солуција која ќе биде во интерес и на двете страни, рече Сулејмани.
Сулејмани и г. Тимотеј информираа дека средбите продолжуваат и дека кога ќе се дојде до решение за тоа навреме ќе биде информирана и јавноста.
Тензиите околу изградбата на црквата во Октиси започнаа пред десеттина дена, непосредно пред најавеното осветување на темелите каде е предвидена изградбата на верскиот храм Св. Димитрија. Тогаш околу локацијата на која е предвидена изградбата се насобраа жителите муслимани , по што дојде до собирање и на православните верници Македонци, по што мораше да интервенира и полицијата. Страстите се смирија по пристигањето на струшкиот градоначалник и митрополитот г. Тимотеј кои најавија средба на која ќе се разговара за надминувањето на настанатите проблеми.
Во меѓувреме струшкиот градоначалник поднесе барање за времена мерка за запирање на активностите за изградба на црквата.
OhridNews