Македонски државјани кои престојувале во Грција и кои вчера се вратиле во земјава, пријавиле уште пет нови случаи на оштетувања на возила.

Вчера, на Граничниот премин „Меџитлија“, битолчанец, кој управувал патничко возило „БМВ“ со битолски регистерски ознаки, пријавил дека во туристичкото место Неа Врасна, со спреј му биле прикриени двете ознаки МК, а му била повлечена и црвена линија со истиот спреј по левата страна од возилото. Во вториот случај, на Граничниот премин „Меџитлија“, лице од Скопје, кое управувало патничко возило „Фолксваген Голф“, со скопски регистерски ознаки, пријавило дека во туристичкото место Лефкада, преку целото возило со цврст предмет му се направени длабоки линии на каросеријата. Во местото Калитеа викендов биле украдени регистарски таблици од уште две возила од Скопје,а петтиот пријавен случај на украдени таблици се случил во туристичкото место Неа Мудања.

Со овие пет новорегистрирани случаи во неделата, во изминатиот период од страна на нашата гранична полиција евидентирани се вкупно 50 оштетувања на возила и одземања на таблички. Од 50-те оштетувања кои ги пријавиле македонските државјани, 35 се кражби на регистарски таблички, од кои во 25 случаи се украдени обете таблички. Предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори со 6 кражби. По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на 12 случаи.

-Од вкупниот број случаи – 31 се пријавени од страна наши државјани и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. 26 од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од други места во државава, информираат од МВР.

OhridNews