Поради сторен прекршок и учество во тепачка на јавно место, што се случи викендов пред ноќен клуб во Струга, полициската станица од Струга поднесе прекршочна пријава против тројца стружани, а со пријавата се опфатени и тројцата турски државјани кои учествуваа во тепачката. Основниот суд во Струга на пријавените им изрече и парична казна од по 350 евра, информираат од СВР Охрид.

На 10-ти овој месец  околу 04 часот, во Струга во ноќен клуб беше нарушен јавниот ред и мир со тепачка во која првопријавените стружани физички нападнале турски државјанин удирајќи го со тупаници во пределот на лицето. Потоа настанала тепачка во која се вклучиле и останатите турски државјани. По интервенција на обезбедувањето во ноќниот клуб, учесниците во тепачката биле изнесени надвор од угостителскиот објект.

Откако се вратиле во домот каде престојувале, турските државјани со цел да ја земат патната исправа која ја заборавиле во ноќниот клуб, повторно се упатиле кон клубот. Забележувајќи ги тројцата македонски државјани на блискиот паркинг простор, се случила уште една тепачка во која еден од турските државјани со пивско шише удрил по глава еден од стружаните. Притоа бил употребен и електричен парализатор кој едно од лицата од Струга го употребил кон турскиот државјанин и откако го соборил на земја бил нападнат со раце и нозе од првите тројца пријавени. Во жестоката тепачка на паркинг просторот, турскиот државјанин со кујнски нож кој претходно го земал од својот дом, замавнал кон двајцата стружани нанесувајќи им поведи во предлот на градниот кош и колковите.

OhridNews