Во рамки на манифестацијата „На зајдисонце“, синоќа во Трпејца беше промовирана монографијата „Златните времиња на КК Рибар“ дело на познатиот новинар и публицист Милчо Јованоски.
Ова е монографија за една од најпозитивните и најуспешните приказни од спортовите на вода кај нас, која, искрено, како да е создадена според филмско сценарио, рече на почетокот промоторот на книгата Горан Момироски, новинар и публицист од Охрид.
Најверојатно, младите пред близу пет децении а сигурно и денес ги носат гените наследени од предците кои пред чунојте и кајчињата да влезат во спортските води, со силата на своите раце, тело и ум ја совладале езерската шир. Тие веслале најдобро за риболов и егзистенција, нивните потомци за медали и спортски успеси, рече Момироски.
Кајакарите и раководството ги достигнале највисоките спортски врвови во една исклучителна конкуренција која владеела во поранешна Југославаија со 20 милиони жители, стотици кајакарски и веслачки клубови со илјадници спортисти кои беа светски, европски и олимписки шампиони. Ете, таква беше конкуренцијата на трпејчани а тие повеќе од успешно се носеа со нив, а за тоа сведочат златните и други сјајни одликувања освоени на државните првенства во некогашна СФРЈ во Белград и Јајце а и потоа во самостојна Македонија, кажа Момироски.
Успесите и спортските достигнувања на КК РИБАР се поместени во монографијата што ја подготви еминентниот новинар и публицист Милчо Јованоски, чие дело е од исклучително значење не само за Трпејца, туку и за спортот во Охрид и Македонија воопшто. Книгата го отвора патот до вечноста на клубот и кајакарките и кајакарите и тренерите, спортските и општествени работници, помагатели… Упатувам честитки до колегата Јованоски, кој во овие нови дигитални времиња, вложи многу труд да ја овековечи историјата и успесите на КК РИБАР од едни времиња кога се имаше малку, а тешко достижни денес, кога речиси имаме сѐ, истакна промоторот Горан Момироски.
Кајакарскиот клуб „Рибар“ е создаден од ентузијасти, љубители на езерото и спортски броци со дух. Тие со малку пари и многу љубов и посветеност ја изградија златната ера на кајакарството во Трпејца рамно на она во Македонија, тогашна Југославија и надвор од неа, рече авторот на монографијата Милчо Јованоски. Преку собрани живописни сведоштва, тој успеа да го реконструира времето кога „Рибар“ беше повеќе од куб – беше симбол на Трпејца и страста кон победи.
Подготовката на монографијата траеше речиси една година. Година, исполнета со истражувања, средби со поранешни членови. „копање“ по пожолтените фотографии и документи расфрлани по фиоки и тавани. Сите тие имаат своја приказна, тежина и вредност. Овие собрани парчиња во мозаикот сега имаат нова гласност и значење. Во монографијата објавен е и список на членови. Однапред се извинувам на оние кои ненамерно се пропуштени. Но, едно е јасно дека цело Трпејца некогаш беше КК „Рибар“. Треба да остане забележано во историјата не само на клубот туку и во меморијата на сите кои ја сакаат Трпејца дека основачи на КК „Рибар“ во 1979 година биле: Петар Маркоски- претседател, Бранко Јованоски- заменик претседател, Љубомир Климоски – секретар и Номче Митрески – тренер. Денес клубот преживува на хартија и чека некои подобри времиња и кајакари кои ќе ја вратат старата слава на нивните предци. Сега во раководството се: Васко Јованоски – претседател и членовите: Љубе Тодороски и Милчо Стефаноски, посочи авторот Јованоски.
Издавач на монографијата е НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид а нејзиното издавање го помогнаа Општина Охрид, асоцијацијата Спорт за сите и ЛТХ Леарница – Охрид.
Милчо Јованоски е еден од идејните творци на манифестацијата „На зајдисонце“ во чии рамки од 2012 година се одржува кајакарската регата „Номче Митрески“ со цел да се зачува традицијата и духот на едно време.
Извадоци од монографијата пред публиката читаше актерката Марија Кондовска а вечерта со својот настап ја збогатија – познатиот охридски гитарист Мартин Милески и младиот и талентиран гитарист Душан Балтоски од Струга.
OhridNews