Нацрт Деталните урбанистички планови за Табана и Ривиера, кои не го добија потребното мнозинство во советот на последната седница, ги разбуркаа страстите и ги поделија советничките групи. Паднаа и сериозни обвинувања за застапување лични интереси и условувања, за кои отворено беше зборувано и на прес конференции.

-Одговорно тврдам дека за плановите имавме комплетна согласност од надлежните институции. Од ВМРО ДПМНЕ не очекував да гласаат  за предложените планови, ниту од советниците на ВМРО- Народна партија кои кажаа дека не гласаат од причина што на нивни членови- сопственици на земјиште во предложените планови не им се зацртани објекти. Ако и нив им се нацртаат објектите, во иднина ќе го подржаат планот, изјави градоначалникот Петрески.

Од ВМРО Народна партија, чии гласови го креираат мнозинството во советот, демантираат дека го условувале донесувањето на урбанистичките планови.

-Упатуваме демант до локалната самоуправа и најодговорно тврдиме дека ВМРО – Народна партија нема членови на кои не им е нацртана маркица за градба. Сакаме уште еднаш да објаснеме зошто ВМРО – Народна партија гласаше воздржано на минатата седница на Советот на Општина Охрид. Единствената причина поради која ние гласавме воздржано е отворање на една јавна и широка дискусија околу донесувањето на нацрт деталните урбанистички планови во која учество ќе земат претставници од локалната самоуправа, директорот на Управата за заштита на културното наследство, директорот на Завод и музеј, екперти и граѓани на Охрид.-појаснуваат од ВМРО НП.

Останува отворено прашањето дали спротиставените ставови и обвинувања ќе ги расипат математиките на мнозинството во советот како и тоа чии интереси застапуваат советниците, на граѓаните, на партиите или на некој друг?