Буџет со средства за манифестации, трансакции, фестивали, спорт. Тоа е основата која е водечка во извештајот и во овој буџет, а многу малку за реализација на капитални проекти од сопствени средства, реагираше координаторката на пратеничката група на СДСМ, Живка Ангелоска во врска со шестмесечниот извештај за реализаицијата на буџетот на Општина Охрид на денешната одржна 61-ва седница на Совет.
И овој извештај од реализацијата на буџетот го потврдува тоа што го говорам изминатите 4 години. Ќе изземам тоа што е реализирано со средства од унгарскиот кредит, проекти кои 4 години ги красеа страниците на буџетите на општината, но не стигнуваа во финална фаза затоа што имаше општината веројатно други приоритети и сега со средства од унгарскиот кредит за кој камати ќе плаќаат граѓаните дел од истите се стигнати до реализација, а некои не се ни отпочнати, рече Ангелоска.
Посочи дека лидер во реализација е програмата за спорт со 69%, трансакции на спортски клубови, кои не се капитални инвестиции, додавајќи дека по неа е програмата на Советот со околу 60%, во најголем дел субвенции кои ги дава општината на ЈП-ја наспроти реализаицијата на капитални приходи во одредени програми.
Тоа што не сакам да критикувам и што сум среќна дека не е реализирано е велосипедската патека затоа што беше на локација според замислата на зелениот појас помеѓу двете улици. За велосипедската патека треба да се најде друго решение. За поздравување е адаптирање на просторот за ОУ „Кочо Рацин“ иако сакате да го ставите како проект кој сте го завршиле како ново училиште. Апелирам кога ќе се прават програмите да се имаат во предвид приоритетите на граѓаните, зошто само на тој начин може да се стигне до некој развој. Според ова што го гледаме во извештаите за реализација на програмите очигледно приоритетите на локалната власт не се совпаѓаат со приоритетите на граѓаните, додаде Ангелоска.
Дали приоритетите на локалната самоуправа се приоритети на граѓаните тоа ќе го кажат на следните избори во октомври, реагираше секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.
Тврдам дека сите проекти кои се направени се приоритет за граѓаните на Охрид. Да не ги набројувам повторно сите поединечно истите тие произлегоа од страна на граѓаните. Проекти кои се заедно со граѓаните ставени во програма и реализирани. На минатата седница гласавте против 16 проекти за кои се обезбедени средства од буџетот на Р. Македонија затоа што биле обезбедени од страна на унгарскиот кредит и ќе плаќаат граѓаните. Па и за средствата кои како што велите вие ги обезбедивме сите заедно за ОУ „Кочо Рацин“ ќе плаќаат граѓаните. Контрадикторни сте. Не гледам ништо лошо на начинот на кој Владата се нафати да им помогне на сите општини да направат нешто плус знаејќи ја состојбата на ооппштините во нашата држава, рече Китески.
Ангелоска реагираше дека средствата кои се земаат од унгарскиот кредит се за помали проекти, а не за капитални големи проекти како изградба на училишта или градинки.
Не можете да споредете 70 милиони денари дадени од претходната Влада со 430 милиони денари дадени од оваа централна власт за проекти во Охрид. Не се улички и тротоари, туку проекти кои се произлезени од потребите на граѓаните на општина Охрид. Имаше проекти кои по 30 години ги чекаа луѓето. Споредба помеѓу сегашното функционирањето на локалната и централна и тогашното нема, додаде Китески.
На денешната седница беа разгледани и извештаите на јавните претпријатија за кои од опозицијата посочија дека најрелеванти се годишните бидејќи ја даваат целосната слика, но и дека претпијатијата се во тешка ситуација сите изминати 4 години, а поддршката со субвенциите не е решение.
Овие не се најрелевантни податоци за работата на ЈП-ја, најважни се годишните извештаи бидејќи во некои јавни претпријатија има приходи во едни период во другите во друг период. Од тоа што можам да констатирам дека локалната самоуправа и неколку пати тоа го имам нагласено обично на сите ЈП-ја им дава субвенции, меѓи нив предничи Водовод, но на најголемото ЈП Охридско Комуналец барем во овие шест месеци не видов дека има дадено ниту денар субвенции. Има доволно пари во буџетот да се даде и на ова јавно претпријатие, рече советникот Ванчо Костоски.
Далеку сме од некоја финансиска кондиција на јавните претпријатија, имаме јавни претпријатија кои едвај преживуваат, рече Ангелоска.
Не велам дека е вина на овој или оној директор, ситуацијата е алармантна. Замерувам што еден голем дел од јавните претријатија и во ваква тешка ситуација издвојуваат големи средства за донации и спонзорстава, незнам по кој основ утврдувате кого ќе го спонзорирате. Претпријатијата извојуваат и големи средства за рекламирање, како и големи износи за адвокатски услуги, а истите имаат вработени правници. Ги посочувам како примери доколку во иднина би можеле да се редуцираат работите и новата локална власт задолжително да има обезбедување на вистинска финансиска стабилност на јавните претпријатија. ЈП-ја се предуслов за ние нормално да функционираме, посочи.
Додаде дека проблемот се провлекува децении наназад, но овој пат, вели, кулминира со самото тоа што општината 4 години дава субвенции постојано што говори дека навистина е потребен сериозен пристап на работите.
Н.С.Ј.