Извештајот од експертското вештачење на бродот „Илинден“ е готов и е доставен до Основниот суд во Охрид. Истиот веднаш бил проследен до јавното обвинителство, кое врз основа на изнесените докази ќе одлучува дали вина ќе се бара и кај некој друг освен од капетанот Сотир Филески.

Како што дознава OhridNews, обемниот извештај на 120 страници содржи искази на сведоци, како и резултати од вештачењето што го направија професори од Машинскиот факултет во Скопје и експерти од Словенија.


Во интерес на истрагата не се соопштуваат детали, но дознаваме дека во извештајот има графички прикази на бродот, детална анализа на стабилноста на бродот и носивоста, а со посебно внимание е вештачен документот со кој е гарантирана техничката исправност на „Илинден“.

Исто така дознаваме дека одбраната ќе бара ослободителна пресуда за младиот капетан, а случајот да се затвори како несреќа.

Бродот „Илинден“ потона на 5-ти септември во водите на Охридското Езеро, при што загинаа петнаесет туристи од Бугарија.

OhridNews