Основниот суд во Охрид му одреди мерка притвор во траење до 30 дена на 31-годишниот охриѓанец осомничен за бруталниот напад врз 26-годишната девојка што се случи изминатиот викенд.
Одлуката на Судот следува откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид итно ги спроведе истражните дејствија и поднесе обвинение против осомничениот, придружено со предлог за определување мерка притвор.
„Основното јавно обвинителство Охрид итно ги презеде сите дејствија и до Основниот суд во Охрид поднесе обвинение против едно лице за три кривични дела – Телесна повреда, Противправно лишување од слобода и Загрозување на сигурноста. При вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на една оштетена“, се наведува во соопштението на ОЈО Охрид.
Во рамки на истражната постапка, надлежниот јавен обвинител извршил распит на оштетената девојка во присуство на претставници од социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење за видот и карактерот на нејзините повреди. Од Обвинителството посочија дека обвинетиот бил обезбеден за цело време од поведувањето на постапката.
OhridNews












