Секторот за внатрешни работи Охрид, против 34-годишен жител на Охрид, поднесе кривична пријава поради сомневање за сторено кривично дело „Спречување на службено лице во вршење на службени дејствија“. Од страна на истражен судија при основниот суд во Охрид, нему му е одредена мерка притвор во траење до 30 дена.
Како што соопшти СВР Охрид, пријавениот на 6-ти овој месец, на кружниот тек кај булеварот „Македонски просветители“ и кеј „Маршал Тито“, на униформиран полициски службеник, кој вршел службени дејствија, му упатил закани, пцости и низа навредливи и омаловажувачки зборови.
Настанот се случил околу 21 часот, кај кружната крстосница, каде униформираниот полициски службеник, преземал мерки за безбедно одвивање на сообраќајот и отстранување на непрописно паркирани возила. При вршење на работите од јавната безбедност, униформираниот полициски службеник бил спречен од страна на пријавениот кој управувајќи мопед со поголема брзина, се упатил директно кон службеното лице. Со цел да го избегне налетот на мопедот, полицискиот службеник бил приморан да одскокне наназад.
Веднаш потоа, пријавениот започнал со вербални напади, закани, навреди и омаловажувачки зборови кон полицискиот службеник кој, своите полициски задачи, професионално ги извршувал за овозможување на непречен сообраќај на кружната крстосница, каде во моментот, имало зголемено движење на такси и други патнички моторни возила, се вели во соопштението на полицијата.