Како што пренесува „Макфакс“, тој синоќа бил изведен пред надлежен истражен судија кој му одреди триесетдневен притвор и сега веќе се наоѓа во истражниот затвор Скопје во Шутка.
Инцидентот се случи вчера околу 13 часот кога започнала расправија меѓу полицаецот, кој тогаш не бил на службена должност и неговите соседи, двајцата убиени, кои се од албанска националност.
Според информациите на МВР, инцидентот се случил кога полицаецот ја земал својата ќерка од училиште и ја враќал дома. Во близина на неговиот дом кога сакал да го паркира своето приватно возило, бил нападнат од четири лица.
Според неговиот исказ, настанала прво вербална расправија меѓу нив, по што полицаецот испукал два предупредувачки куршума во воздух, а потоа со својот службен пиштол пукал кон двајца од напаѓачите.
Повредените биле пренесени во Медицинскиот центар во Гостивар, каде што им подлегнале на повредите.
Полицаецот со своето возило и заедно со својата малолетна ќерка самиот се пријавил во Полициската станица Гостивар.
„Набрзо е извршен увид на местото на убиството со учество на екипа од СВР Тетово, истражен судија и јавен обвинител.Пронајдени и подигнати се пет празни чаури, едно јадро од проектил, траги од крв и друго, кои ќе се вештачат, како и пиштолот со рамка со осум куршуми“, соопштуваат од МВР.
Во меѓувреме поради убиството на 26-годишниот Бесник Шехапи и 30-годишниот Имран Мехмеди во средата во Гостивар се одржаа протести што ги организираше група граѓани од градот.
Како што изјави портпаролот на СВР Тетово, граѓаните се движеле од судот до зградата на општината преку плоштадот, полициската станица во Гостивар па сé до домовите на убиените момчиња.
Денешниот протест не бил најавен, додека за во четврток во 13 часот има најавен протест кој бил пријавен во полициска станица.
Претходно во средата, министерот за правда Блерим Беџети и американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс порачаа дека треба да се почитуваат законот и правните процедури.