Вредноста на приватното богатство ширум светот минатата година е зголемена за 14 проценти и достигнала 152 трилиони долари, најмногу благодарение на растот на акциите. Најголем раст е забележан во азиско-пацифичкиот регион, не сметајќи ја Јапонија, каде богатството е зголемено за 31 процент. Бројот на семејства кои поседуваат милиони долари исто така значително пораснал. Извештајот кој го составила „Бостон Консалтин Груп“ опфатил готовина, депозити, акции и останат имот во сопственост на домаќинствата, а не се пресметани претпријатијата и луксузната стока.

Во извештајот се наведува дека речиси во сите земји растот на приватното богатство се случува под влијание на силниот раст на пазарот на акции од втората половина на 2012 година. Се додава дека покрај тоа влијание имале и релативната економска стабилност во Европа и САД како и закрепнувањето на некои европски земји како Ирска, Шпанија и Португалија. Во Азија се издвојува Кина, каде приватното богатство во 2013 пораснало за повеќе од 49 проценти. Се очекува дека во овој регион приватното богатство до крајот на 2018 година ќе порасне на 61 трилион долари, најмногу под влијание на Кина и Индија. Вкупниот број на милионерски домаќинства во светот лани е зголемен на 16,3 милиони во однос на 13,7 милиони во 2012 година.