Во акцијата за сузбивање на рибокрадството, што под оперативно име „Пента“ утрово околу 6 часот ја спроведе Министерството за внатрешни работи, приведени се повеќе лица од Охрид и Струга, меѓу кои и командирот на Езерската полиција, информираше дидекторот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодороски.
– Рано утрово МВР го лиши од слобода командирот на Езерската полиција Дарио Клечкароски поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањата.. Командирот подолго време како организатор организирал група која неовластено ловела риба од Охридското Езеро и истите ги продавала на угостителски објекти и на други лица низ Република Македонија. Утрово покрај него лишени се од слобода уште три лица од Струга и од Охрид кои вршеле незаконит риболов.-изјави Тодороски.
Акцијата полицијата ја започнала во месец јули во соработка со јавното обвинителство. Приведениот командир ги известувал лицата од групата кога можат непречено да вршат криволов. За да избегне сомнежи групата од време на време поставувала стари мрежи во езерото кои потоа биле прикажувани како запленети во активности за спречување на рибокрадството.
При апсењето на членовите на групата, во домовите на приведените бил запленет риболовен алат и одредена количина риба.
Против приведените поднесена е соодветна кривична пријава и тие се предадени на Основниот суд во Охрид.
видео: МВР