
Уапсените Бојан Јовановски, алијас Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец се осомничени дека зеле 1 милион и 500 илјади евра, за преку јавен обвинител врз кој имале влијание, да ја олеснат положбата на лице под истрага. Првично барале 8 милиони евра, за да ја запрат кривичната постапка за лицето, по што ја спуштиле сумата на 5 милиони. Остатокот договориле да се исплаќа на рати во период од четири месеци. Двајцата се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 –ка е осомничен и за кривичното дело Перење пари. Примените пари ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и купувал облека и плаќал одмори иако тоа ги надминува неговите приходи.Како што кажа обвинителот, двајцата осомничени тргувале со влијание и убедувале луѓе кои се дел од истражна постапка дека се моќни кај јавен обвинител.
Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, а кое е сега сведок. Откако се посомневале во неговата доверливост, престанале со средбите.И покрај настојувањето на новинарите, обвинителите не сакаа да го откријат името на обвинителот вмешан во случајот, кој засега не е под истрага, ниту, пак, бил повикан да даде исказ. Но, во случај и тој да се најде под сомнение, не може да се повикува на имунитет.
Извор: Телма










