Во координирана акција со цел фаќање на сторители на нелегална сеча и транспорт на огревно дрво, полицијата на локалниот пат помеѓу струшките села Боровец и Лакавица, кај месноста „Равење“, сопрела товарно возило во кое без документација се превезувале 14,2 метри огревно дрво.

Од Министерството за внатрешни работи, информираат, дека во акцијата се приведени две лица, меѓу кои вработен во ШПС „Јабланица“, кој се обидел да пополни испратница и да му овозможи на превозникот документ за легален транспорт, но бил спречен од полициските службеници.

Во акцијата, спроведена на 28 јуни годинава, околу 13:00 часот, како што информираат од МВР, учествувале полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал при Регионалниот центар за гранични работи-Запад, во содејство со ОВР Струга, Шумската полиција, подрачната единица на Министерството за шумарство и водостопанство и Полициската станица во Лабуништа.

Сопрено е товарно возило „Ман“ со струшки регистарски ознаки, управувано од А.Х. (53) од селото Велешта, во кое, без документација се превезувале 14,2 метри просторни огревно дрво. Сопатникот во возилото, Т.Д. (45) од Вевчани, вработен во ШПС „Јабланица“, се обидел да пополни испратница и да му овозможи на превозникот документ за легален транспорт, но бил спречен од полициските службеници. Од него се одземени два кочани со испратници и еден чекан за жигосување дрва, се вели во соопштението од МВР.

По наредба на Јавен обвинител двајцата се приведени, извршени се претреси во домот на Т.Д. како и во Шумското претпријатие „Јабланица“, а товарното возило и дрвната маса се предадени на Шумската полиција. По целосно документирање, против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава.

OhridNews