Во рамки на проектот за општествено корисна работа што го спроведува Општина Охрид, со подршка на УНДП, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, привремено се реши работниот статус на петте ангажирани лица во Дневниот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Зраци“. Како што појасни при денешната посета на центарот, градоначалникот Никола Бакрачески, за наредните шест месеци продолжен е договорот за работа на дефектологот и социјалниот работник во центарот, а ангажирани се и еден психолог и две технички лица .
– Наша цел, а по препорака на УНДП е да се ангажираат лица кои подолго време чекаат работа или се самохрани родители. Тоа и го направивме, едно од техничките лица е самохран родител, а другото лице е родител на дете со посебни потреби. Тие ќе бидат ангажирани во наредните шест месеци од 1- ви ноември до 30 април 2014. Со згрижување на лицата со интелектуална попреченост во центарот им се помага и на нивните родители кои имаат можност да одат на своето работно место и остваруваат приход значаен за семејниот буџет, изјави Бакрачески. Градоначалникот додаде дека од страна на родителите и вработените му било укажано на потребата од одредени помагала и реквизити кои ќе бидат набавени со средства од локалната самоуправа.
Дефектологот во центарот, Зоран Костадиноски изрази задоволство што привремено е решен статусот на ангажираните лица.
– Со тоа се овозможува центарот непречено да продолжи со работа и се надевам дека статусот по истекот на овие шест месеци трајно ќе биде решен.Еден ваков центар не може да функционира без подршка од локалната самоуправа, со цел континуирано решавање на проблемите, меѓу кои е и редовното обезбедување на храна за лицата згрижени во центарот, вели Костадиноски.
Апел за долгорочно решавање на работниот статус на лицата ангажирани во „Зраци“ упатуваат и родителите кои потенцираат дека тоа е основниот проблем кој што поскоро треба да се реши.
– За нас како родители најважно е да се реши вработувањето на лицата кои всушност го основаа овој центар и без кои не може да функционира. До кога тие би можеле да издржат со 6000 денари месечно кои ќе им се доделуваат преку проектот на УНДП. Секогаш сме имале подршка од локалната самоуправа, се надевам дека така ќе биде и во наредниот период, бидејќи ние и нашите деца сме присутни во општеството кое треба да се грижи за нас, изјави Орхидеја Топенчарова, родител на лице со интелектуална попреченост.
Градоначалникот Бакрачески најави дека ќе побара од миннистерот за труд и социјална политика лично да го посети центарот со цел да се разгледаат можностите за решавање на проблемите со кои се соочуваат згрижените лица и лицата ангажирани во „ Зраци“.
Т. Кувенџиска