На опожарената куќата на ул. „Климентска“ во стариот дел на Охрид, покривната конструкција е речиси завршена, а поставени се комплетно нови прозорци и врати. Денеска овој објект, го посети првиот човек на Охрид, Александар Петрески, со цел да увиди како се одвиваат активностите.
„Последниот ден од оваа година сакав да ги посетам куќите, кои беа опожарени изминатиов период. Ме радува тоа што успеавме да им помогнеме на луѓето да ја надминат трагедија. Поради лошата финансиска состојба на овие семејства, реконстукцијата е на товар на општината. Сменети се прозорците и вратите, а завршена е кровната конструкција. Целта беше, до Нова Година објектот да биде потполно затворен. После новогодишните празници ќе продолжиме со внатрешно оплеменување на објектот.“ – изјави градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.
Тој исто така потенцира дека градежните зафати на куќата на „Охридски бригади“ се во тек, каде што се обезбедени сите потребни материјали. Според очекувањата, целосната реконструкција треба да заврши за 10 дена. Петрески апелира до граѓаните да бидат повнимателни со цел избегнување на вакви трагедии. „Ги повикувам граѓаните да бидат повнимателни, бидејќи сите овие пожари се предизвикани од оџаците. Исто така, на охриѓани им посакувам да бидат весели, живи и здрави во годината што ни претстои.“ – додаде Петрески.
Инаку во изминатиов период, опожарени беа четири објекти на улиците „Охридски бригади“, „Радојца Новичиќ“ и две куќи во стариот дел на Охрид.