Во селото Велмеј привршуваат активностите за реализација на проектот за партерно уредување со поставување на урбана опрема на јавниот простор пред изворите „Долни Исток” и пред воденицата во селото. Со проектот предвидена е изградба на паркинг простор, поплочување на пешачки патеки, уредување на просторот пред старата воденица, озеленување на просторот, поставување на клупи и канти за отпадоци и осветлување на просторот.

– Со реализацијата на овој проект се задоволуваат потребите од зеленило на просторот, се оформува уреден паркинг простор, уреден пешачки простор и простор за одмор, дружење и рекреација. Содржините од овој проект ќе го збогатат и разубават овој дел од селото и ќе допринесат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и збогатена туристичка понуда, истакна градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски кој изврши увид врз градежните активности.

За проектот партерно уредување со поставување на урбана опрема на јавниот простор пред изворите „Долни Исток” и воденицата во село Велмеј, обезбедени се средстава од буџетот на општина Дебрца во висина од 353.705 денари.

OhridNews