На пригодна свеченост што се одржа на светскиот ден на волонтерството – 5 Декември, Црвениот крст Охрид им додели признанија на заслужни волонтери и крводарители во знак на благодарност за нивниот придонес во зајакнување на заедницата и промоција на волонтерството.
На свеченоста акцент беше ставен на волонтерите од сите генерации, од најмладите до највозрасните, кои во духот на хуманоста обезбедуваат поддршка за спроведување на бројни активности наменети за најразлични корисници на услуги на Црвен крст Охрид.
Црвениот крст е отворен за добронамерни луѓе од сите возрасти кои својата емпатија, желба, цел и амбиција сакаат да ја посветат на нашите хуманитарни активности, одвојувајќи дел од своето слободно време, дел од себе, од својата стручност, професионалност, за помош на ранливите категории, рече претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Маѓу добитниците на признание е и нашиот сограѓанин Сашо Топалоски кој досега има остварено 50 дарувања на крв. Тој ги охрабрува сите, посебно младите да даруваат драгоцена тешност, потенцирајќи ја хуманата димензија на крводарителството.
Првиот пат кога дарував крв тоа беше за родилка на која и беше потребна крв и оттогаш наваму можам да кажам 20 години редовно дарувам крв. Чувството е преубаво кога ќе подариш живот некому. На сите им порачувам, а пред се на младите да почнат да даруваат крв, истакна Топалоски.
Признанија за 50 дарувања крв уште добија и Љупчо Настовски и Илија Мирјаноски. Црвениот крст Охрид доли благодарници и на бројни волонтери од разниу области, медицински лица, институции, јавни служби, компании и медиуми.
Промовирање, развој и унапредување на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебрца е заложба која Црвен крст Охрид континуирано, совесно и посветено ја спроведува во текот на цела година, а како резултат на хуманоста на крводарителите, постојаната ангажираност на вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид и службите за трансфузиона медицина, преку организирање на крводарителски акции во текот на годината, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во градот, посочи Точков .
Волонтерите на Црвен крст Охрид заедно со советниците и претседателот на Советот на општина Охрид, Перчо Божиноски, денеска подготвија и поделија хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена на дел од социјално загрозените семејства во Охрид.
Н.С.Ј.
Фото: Горан Момироски



































































