Низ серијал стории ви ги претставуваме успешните охридски приказни во изборот на Охридњуз во 2025 година кои се помесетени во 12. издание на Годишната ревија на настани.
Осум децении Црвен крст Охрид е синоним на посветена работа за доброто на заедницата и пример за општествено делување. Во благородната мисија на организацијата вградени се генерации хумани охриѓани кои несебично дарувале дел од своето време, живот и кариери на активности за помош и поддршка на оние на кои најмногу им треба, на ранливите категории граѓани, социјално загрозените, маргинализираните, на лица со тешка животна судбина, погодени од несреќи и непогоди, стари, изнемоштени…
Од основањето во 1945 година па се до денес, оваа организација е жив сведок и активен учесник во сите кризни ситуации, здравствени, социјални, природни катастрофи, но и секојдневна потпора на многу семејства.
Дел од Црвениот крст Охрид е и Службата за спасување на планини и непристапни терени со што безбедноста на градот како туристичка дестинација се издигна на исклучително високо ниво, неопходно за развој на современ туризам.
Со своите активности и дела изминатите осум децении, Црвен крст Охрид несомнено е еден од најпозитивните примери во заедницата и инспирација за хуманост и солидарност кај луѓето од сите генерации.
Признание за хуманост и општествено делување за 2025 година Охридњуз додели на ОО Црвен крст Охрид.
Што ја одбележа 2025 во Охрид, погледнете во Годишната ревија на настани на Охридњуз.
OhridNews
















