Охридњуз објавува серијал текстови во кои ќе ги претстави успешните охридски приказни во годината што измина, кои се позитивен пример и мотив за заедницата. 

Eкипа од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ Охрид составена од учениците Мухамед Асан од трета година од образовниот профил техничар за индустриска мехатроника и Петар Цаноски од трета година од образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика, под менторство на професорите Владо Јанкулоски и Љупчо Балески во месец мај на меѓународниот натпревар „Балкан Јуниор 2022“ во Романија го освои првото место.

На денот на Охридското Езеро, 21 Јуни, промовирано беше пловило на соларен погон изработено од ученици и професори од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Станува збор за пловен објект кој целосно е на сончева енергија. Без емисија на штетни гасови, без користење на скапи фосилни горива, без создавање на бучава, неограничено и бесплатно, со целосна автономија, пловилото нуди уживање преку цел ден. Во недостиг на доволна сончева светлина, тоа ја користи енергијата складирана во батериски ќелии.

Учениците од ЕМУЦ –Охрид освоија и прво место на натпреварот GreenTech Entrepreneurship Challenge во кој беа вклучени пет средни стручни училишта од Република Македонија.

Од дизајнирање бизнис идеи базирани на зелени и одржливи технологии за најдобар беше избран проектот на охридските ученици.  Тие изработија апликација за мобилен телефон за лоцирање депонии со цел побрзо решавање на овој проблем.

Ако на ова се додаде и дека ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ е дел од системот на дуално образование што на учениците им овозможува драгоцено практично искуство во технолошки напредни компании како што се Костал, ОДВ Електрик, ЛТХ, АСП ПАК, тогаш е јасно зошто ова училиште станува се поатрактивно.

Годината што измина во Скопје беше промовирана и петтата генерација на ученици кои се запишаа во паралелките со дуално образование. Бројот на запишани деца од година во година во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ расте, а неколку ученици од првата генерација веќе се вработени во „Костал“.

Електромашинскиот училишен центар во Охрид изминатите години бележи голем развој, постојано се модернизира и се подобруваат условите и квалитетот на образованието.Во училиштето беа набавени 25 нови компјутери со високи перформанси, во четиринаесет училници монтирани смарт табли со озвучување, 180 училишни клупи и столови, а беа обезбедени и ставени во употреба и лифт и тоалети за лица со посебни потреби.

Постојаната заложба на раководниот тим и наставниот кадар за подобрување на условите и квалитетот на образованието, следењето на современите текови, како и бројните реализирани и најавени проекти во образовни цели, се пример како треба да се работи во интерес на младите и иднината на градот и земјата.

ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ го доби Признанието за иновативност и развој на образованието за 2022 година што го доделува редакцијата на Охридњуз.

Г.М./Н.С.Ј.