Во просториите на општинскиот Црвен крст, денес, со пригодна свеченост се одбележа 17 март, Денот на крводарителството во Македонија. Охридските крводарители според бројот на дарување крв се меѓу првите во државата. Како што велат, така и ќе продолжат и им препорачуваат и на останатите граѓани да се одлучат и започнат да даруваат крв.
– Тоа е многу убава работа. Се осеќам добро и ќе продолжам и понатаму да дарувам крв. Тоа и за здравејто е подобро, колку повеќе даруваш, толку повеќе и организмот бара повторно да се дарува и така се осеќам уште подобро, вели Коче Горданоски кој досега дарувал крв 112 пати.
Од општинската организација упатуваат голема благодарност и почит кон бројните хумани луѓе- дарителите на крв, со чија помош во текот на 2015 биле собрани потребните крвни единици за здравствените установи во општините Охрид и Дебрца. Во текот на 2015 година во Охрид преку 18 организирани крводарителски акции биле собрани вкупно 1385 единици крв.
– Оваа година сме уште помотивирани, затоа што минатата година започна со работа една нова форма на мотивирање и организирање, тоа е Клубот 25 на млади крводарители во Црвен крст Охрид, кој што веќе ги покажува своите резултати во мотивирање на младите, особено во образовните институции, за благородноста и хуманоста од давањето на крв, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
На денешната свеченост им беа доделени благодарници и признанија на сите заслужни крводарители, фирми и поединци што дале придонес во развојот и унапредувањето и омасовувањето на крводарителството во регионот на Охрид и Дебарца.
Т.К.