Помина една година откако започна пробивањето на тунелите на новиот автопат Кичево – Охрид. Најпрво беа завршени подготвителните работи и влезовите на новите тунелски цевки, кои ќе бидат со должина од околу 2.000 метри поединечно, за потоа да продолжи макотрпното навлегување во утробата на планината. Во пробивањето на двата тунела целосно е ангажирана оперативата на главниот изведувач на автопатот „Синохидро“ и подизведувачот „Пауер“ од Кина, објави „Нова Македонија“
Како што пишува весникот, стотина вработени секојдневно во три смени навлегуваат метар по метар во длабочините на планината и освојуваат нови должини на тунелите, низ кои ќе минува новата патна делница.
-Точно пред една година ги започнавме градежните работи во пробивањето на двата тунела од новиот автопат Кичево – Охрид, кои почнуваат кај селото Попоец и, под превојот Пресека, завршуваат на охридската страна. Ќе бидат со должина од близу 2.000 метри, со широчина на тунелските цевки од 10 метри и височина од 7 метри. Засега тунелите се пробиени во должина од 300 метри десната цевка и 200 метри левата цевка, од страната на Попоец, додека од охридската страна во двете цевки се пробиени по околу 150 метри, велат од компанијата „Синохидро“.
Од оваа компанија потврдуваат дека пробивањето на тунелите ќе беше и поголемо ако тоа го дозволеше земјиштето во длабината на планината, кое всушност е исклучително тешко и неблагодарно за работа.
-Иако е пробиена првата четвртина од должината на тунелите, сепак таа ќе беше и многу поголема ако не наидевме на исклучително тежок терен за работа, бидејќи утробата на планината буквално бликаше од вода, а мекиот камен (лиска) не дозволуваше побрз напредок од вообичаените два метра на ден. Како што навлегуваме подлабоко во планината така условите за работа се нешто подобри, поточно количествата вода се нешто помали, и очекуваме дека ќе наидеме на карпесто тло, што ќе ни овозможи и побрз напредок и завршување на двата тунела за нешто повеќе од една година, како што планираме. Инаку, покрај копањето и извлекувањето на материјалот, истовремено се вршат и бетонирање на тунелите и поставување арматурни мрежи, така што секој метар од тунелските цевки речиси целосно е завршен, додаваат од кинеската компанија.
Менаџментот на компанијата е исклучително задоволен што, и покрај тешките услови за работа, сѐ се одвива според планот и нема застој во реализацијата на проектот, нема инциденти какви што се својствени за ваков вид градежни зафати. Се работи секојдневно во три смени, така што изградбата на тунелските цевски се одвива нонстоп.
Истовремено работниците на компанијата „Херинг“ ги подигаат столбовите за највисоките мостови на оваа патна делница, со што од ден на ден сѐ повеќе се навестуваат контурите на новиот автопат.
OhridNews
Извор:„Нова Македонија“