Жителите од Долна Влашка Маала ја продолжија традицијата на капење во езерските води за празникот Богојавление-Водици. Светиот крст во езерските води беше спуштен на пладне, а најсреќен меѓу капачите беше Петар Блажески од Охрид, од Долна Влашка Маала.

Манифестацијата пред ресторанот Тино започнала од пред 20-тина години од жителите кои живеат во близина, а во последните пет години се приклучила и црквата во организацијата со цел обновување на традицијата, бидејќи порано крстот се фрлал токму на тоа место.

Заедно со тројца други жители на маалото ја започнавме традицијата пред 20-тина годнини, од година во година се повеќе граѓани ни се приклучуваа и  манифестацијата стана масовна. Црквата од пред пет години одлучи да го фрла крстот и да ни се приклучи на организацијата. За нас охриѓани, Богојавление е посебен ден и мислам дека е најубав ден во Охрид, вели Валентин Гаврилоски од Долна Влашка Маала од Охрид. 

Традиционално, дел од прославата беше служењето на топла ракија, а присутните граѓани порачаа дека ќе продолжат да ја негуваат традицијата и порачаа среќа и здравје на сите.

 

К.А.