Денеска во Охрид продолжија свеченостите во рамки на дводневната манифестација „Прличеви беседи“ со која годинава се одбележуваат 123 години од смртта на Григор Прличев, кој е еден од најистакнатите македонски писатели од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од XIX век.
Во Спомен куќата на Прличев се одржа настанот „Слово за Прличев“, на кој свое излагање за ликот и делото на ловроносецот имаше проф. д-р Георги Сталев Поповски.
Во рамки на настанот градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески ги врачи признанијата на прво-наградените ученици по распишаниот конкурс на ОУ „Григор Прличев“.
Според предвидената програма, делегација на општина Охрид и дел од почитувачите на ликот и делото на Григор Прличев, денеска претпладне положија свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште.
Вчера како дел од манифестција „Прличеви беседи“, се одржа Свечена академија, посветена на наградената поема за 2015 година, „КИРИЛ 1830-КИРИЛ 2001“ од авторот Глигор Стојковски. Исто така во охридската библиотека се одржа настанот „Низ творештвото на роднокрајните автори“ и традиционалната Охридска визита, а во Центарот за култура беше отворена изложбата на фотографии од колекцијата на оваа институција.
OhridNews