Продолжува самоволието на дел од такси превозниците во Охрид. И понатаму бројни граѓани преку допис до нашата редакција, но и на социјалните мрежи се жалат на негативни искуства. Најчесто, упатените поплаки се однесуваат на одбивање на таксистите да ги земат и превезат патниците.

  • Викнав такси за Самоилови тврдини. Таксистот ме виде и замина. И се јавив на диспечерката да пријавам што ми се случи, а возачот го слушам како вика:„Нека се качи кај двогледите и од таму нека го гледа градот“. Нема каде да пријавам, вели револтиран граѓанин.
  • Еден возач ме одби да ме вози затоа што сум немал ситни пари, а останатите четворица ме одбија да ме земат, наводно  чекале повик од хотел „Гранит“,
  • Тројца таксисти одбија да ме возат,а при тоа беа застанати надвор од возилата со цигарите во раце, се дел од коментарите.

Како што веќе пишуваше OhridNews, една од причините за ваквото однесување на такси превозниците се одредени „дупки“ во законот за превоз во патниот сообраќај.

  • Во согласност со Законот за превоз во патниот сообраќај, нема казнена одредба за одбивање на барање за такси услуга, такашто инспекциските служби до сега имаат изречено само усмени опомени до такси превозниците и такси компаниите во врска со ваквите поплаки, изјавија за OhridNews од локалната самоуправа. Оттаму, беше кажано дека до општинскиот инспекторат, нема пристигнато ниту една писмена преставка или жалба, во врска со такси превозот на патници во Охрид.

Од друга страна, дел од такси превозниците сметаат дека ваквите проблеми се последица на неодговорно однесување на поединци.

  • Неодговорни поединци им предизвикуваат голема штета на такси компаниите, совесните такси возачи, кои се мнозинство, и на такси бизнисот во целина, но пред се штета трпи градот и туризмот како водечка гранка од која егзистираат голем број граѓани. Во случајот недостига соодветна реакција од надлежните служби кои соодветно треба да се позанимаваат со таквите поединци. Вака гневот на јавноста се истура врз сите таксисти иако најголемиот дел од нив одговорно си ја вршат работата, вели такси превозник со искуство во оваа професија од 10 години.

И додека „топката“ се префрла од едни во други раце, трпат граѓаните, гостите  и имиџот на Охрид како туристички град, бидејќи она што се пишува на социјалните мрежи лесно стигнува до секој кој сака да го посети градот.

Т.К.