Сите заедно се боревме во Дебрца да нема регионална депонија, да ја сочуваме нејзината чистота и природна убавина и успеавме. За жал, некои како да заборавија на таа борба и опасност и во последниве неколку месеци сведоци сме на неконтролирано депонирање на инертен отпад/градежен шут на секаде, и на места кои во изминативе години на општински трошок по неколку пати сме ги чистеле, со што директно се загрозува природната и животната средина, вели градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Сите овие локации во изминатиот период општината ги има повеќекратно чистено. Од совесни граѓани добив слики за депонирање на отпад и во местноста Црвени Брегови во Мешеишта. 90% од прекршителите се детектирани и на сите ќе им бидат доставени записници и задолженија во најкраток рок да ги санираат локациите или отстранат отпадот. Во спротивно ќе бидат поднесени пријави, за кои согласно законот се изрекуваат високи глоби, потенцира Ногачески.

Бидејќи Општина Дебрца нема таква депонија инертниот отпад треба се депонира кај овластени собирачи на таков отпад за што се плаќа одреден надоместок. Ве уверувам дека никој инвеститор и транспортер на инертен отпад спротивно на законот било да се работи за физичко или правно лице нема да биде изземен. Сите прекршители кои нема да постапат по задолжението на општината ќе бидат и јавно објавени. Ги охрабрувам граѓаните до општината да го пријавуваат секој ваков случај. Нула толеранција за дивите депонии, порачува Ногачески.
OhridNews











