Денес во Основниот суд Скопје 1 треба да продолжи сослушувањето на лицата осомничени во првиот случај на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“ за изборни нерегуларности. Како што најавија од Судот, денес, пред судија на претходна постапка од Одделот на кривично полнолетни, во договор на судијата и обвинителот, треба да се појави член на општинската изборна комисија на Чаир.

„Со оглед дека во записниците од извршеното гласање за градоначалник на Општина Чаир во 2013 година извршиле преправање на резултатите и против едно лице од Комисијата исто така е поднесен предлог за определување на мерка притвор поради опасност од влијание врз сведоците и соучесниците“, рече во петокот обвинителката Фатиме Фетаи.

Засега нема информации од Судот дали на сослушување ќе се појават и дали се во земјава поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски кои не дојдоа во Судот бидејќи биле на патување.

Во петокот во судот се појавија градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и поранешниот Министер за внатрешни работи, Миле Јанакиески. За нив и за уште две лица Судот го одби предлогот за притвор, а за четворица дополнително ќе се утврдува, откако ќе дојдат на сослушување во судот. Темелко треба да се јавува во судот во Ресен еднаш неделно, како алтернативна мерка.

СЈО побара притвор за осум лица кои ги сомничи дека ги местеле изборите во 2012 година. Специјалното јавно обвинителство поднесе жалби на решенијата на Судот за одбивање на притворот. Жалбите се примени утрово и се очекува од Судот да соопштат до кога имаат рок за постапување по жалбите.

OhridNews
извор Макфакс