Продолжува трендот на опаѓање на бројот на запишани првачиња во охридските основни училишта. За учебната 2025/2026 година се запишале 422 првачиња, што споредбено со минатата учебна година е помалку за 13, кога беа запишани 435 првачиња. Дека бројката опаѓа последниве години говори и податокот дека во учебната 2023/2024 година бројот на запишани првачиња бил 445.

Од запишаните првачиња за учебната 2025/2026 година најголем број има во ООУ „Христо Узунов“ – 103, по што следуваат ООУ „Григор Прличев“ – 95, ООУ „Братство Единство“ – 75, ООУ „Свети Климент Охридски“ – 53, ООУ „Кочо Рацин“ – 35, ООУ „Ванчо Николески“ с.Лескоец – 28, ООУ „Живко Чинго“ с.Велгошти – 17  и ООУ „Свети Наум Охридски“ с. Пештани -16. Во ООМУ Методи Патче се запишале 40 првачиња, информираат од Одделението за поддршка на процесите во образованието при Општина Охрид.

Низ годините наназад податоците говорат дека во учебната 2021/2022 се запишале 504 првачиња, во учебната 2020/2021 биле запишани 480, додека во учебната 2019/2020 биле запишани 483 првачиња. Најголема бројка на запишани првачиња, сепак, се бележи во учебната 2022/2023 кога образовниот процес го започнаа 523 првачиња.

Во однос на обврската за реонско запишување од Одделението за поддршка на процесите во образованието велат дека истата се почитува.

При уписот на првачиња се почитуваше реонското запишување согласно одредбите на Законот за основно образование, додаваат од Одделението.

Н.С.Ј.