Продолжува трендот на опаѓање на бројот на запишани првачиња во охридските основни училишта. За учебната 2025/2026 година се запишале 422 првачиња, што споредбено со минатата учебна година е помалку за 13, кога беа запишани 435 првачиња. Дека бројката опаѓа последниве години говори и податокот дека во учебната 2023/2024 година бројот на запишани првачиња бил 445.
Од запишаните првачиња за учебната 2025/2026 година најголем број има во ООУ „Христо Узунов“ – 103, по што следуваат ООУ „Григор Прличев“ – 95, ООУ „Братство Единство“ – 75, ООУ „Свети Климент Охридски“ – 53, ООУ „Кочо Рацин“ – 35, ООУ „Ванчо Николески“ с.Лескоец – 28, ООУ „Живко Чинго“ с.Велгошти – 17 и ООУ „Свети Наум Охридски“ с. Пештани -16. Во ООМУ Методи Патче се запишале 40 првачиња, информираат од Одделението за поддршка на процесите во образованието при Општина Охрид.
Низ годините наназад податоците говорат дека во учебната 2021/2022 се запишале 504 првачиња, во учебната 2020/2021 биле запишани 480, додека во учебната 2019/2020 биле запишани 483 првачиња. Најголема бројка на запишани првачиња, сепак, се бележи во учебната 2022/2023 кога образовниот процес го започнаа 523 првачиња.

При уписот на првачиња се почитуваше реонското запишување согласно одредбите на Законот за основно образование, додаваат од Одделението.
Н.С.Ј.












