– Волонтерите од декември доаѓаа без да им биде платен надомест од страна на локалната самоуправа , а ние како установа немаме средства за оваа намена. Ова беше единственото решение кое можевме да го преземиме, бидејќи жално е луѓето да доаѓаат, а да не се плаќаат. Состојбата дополнително е влошена и поради тоа што дел од негувателките неколку месеци се на боледување, а за нив не може да се бара замена пред да поминат шест месеци. Се надевам дека нашето барање за нивна замена ќе биде позитивно одговорено и дека барем тие места ќе бидат што поскоро пополнети, вели ВД директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Розе Костоска.
Таа потенцира дека во соработка со локалната власт се прават напори за вработување на кадарот кој недостасува во установата.
– Во договор со локалната самоуправа која стапи во контакт и со надлежното министерство, правиме напори да обебзедиме трајни решенија за вработување , но тоа оди преку Агенцијата за јавна администрација и согласно законот за работни односи, вели Костоска која додава дека и покрај проблемите со кадарот децата се соодветно згрижени во градинката.
Од локалната самоуправа информираат дека контактите со надлежното министерство се веќе направени и дека е побарана согласност за нови вработувања во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
Во моментов, во установата има потреба од вработување на 40 лица од најразлични профили со цел непречено работење и згрижување на децата . Градинката ја посетуваат 750 деца, а нив ги опслужуваат 69 вработени со решен работен стаутус. Според законските прописи, капацитетот на градинката е 650 деца, за кои би требало да се грижат 110 вработени.