Со натпреварите во групите Е, Ф, Г и Х, во вторник продолжуваат возбудувањата во фудбалската Лига на шампиони. Во центарот на вниманието ќе бидат двете средби во Е групата, во која ЦСКА ќе го пречека Манчестер Сити, а Баерн ќе и’ гостува на Рома.
Англискиот шампион освои само еден бод во првите две кола и поради тоа само победа ќе му биде опција во Москва. Сити во своите редови ќе го нема Френк Лампард кој има повреда на бутниот мускул.
Натпреварот ќе се одигра без присуство на публика, бидејќи ЦСКА е казнета за дивеењето на нејзините навивачи на мечот против Рома во Рим.
Рома и Баерн во оваа група ќе го одиграат дербито на колото. Двете екипи немаат пораз во првите две средби, Баерн забележа две победи над Манчестер Сити и ЦСКА, додека Рома ја совлада ЦСКА, а ремизираше со Сити.
„Во натпреварот со еден од најдобрите светски тимови влегуваме како аутсајдери. Имаат одлични играчи, но со нетрпение го чекам овој меч и атмосферата која ќе владее на Олимпико“, рекол тренерот на Рома, Руди Гарсија.
„Рома ја респектираме, очекувам тежок меч. Особено мора да внимаваме на капитенот Тоти. Верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат, со што ќе направиме уште еден чекор кон пласманот во осминафиналето“, рекол предводникот на Баерн, Пеп Гвардиола.
Група Е:
ЦСКА Москва-Манчестер Сити (18 часот)
Рома-Баерн Минхен (20:45 часот)
Табела: Баерн 6, Рома 4, Ман.Сити 1, ЦСКА 0
Група Ф:
АПОЕЛ-ПСЖ (20:45 часот)
Барселона-Ајакс (20:45 часот)
Табела: ПСЖ 4, Барселона 3, Ајакс 2, АПОЕЛ 1
Група Г:
Челзи-Марибор (20:45 часот)
Шалке-Спортинг Лисабон (20:45 часот)
Табела: Челзи 4, Шалке 2, Марибор 2, Спортинг 1
Група Х:
БАТЕ Борисов-Шахтјор (20:45 часот)
Порто-Атлетик Билбао (20:45 часот)
Табела: Порто 4, БАТЕ Борисов 3, Шахтјор 2, Атлетик 1.
„Макфакс“