Еден од најголемите проблеми на денешницата со кој се соочуваат младите е нивниот неправилен раст и развој. Современиот начин на живот, долгите часови поминати во училишните клупи, недоволната физичка активност и слабо развиената мускулатура, се вбројуваат во причините поради кои голем дел од децата страдаат од некакви деформитети.

Во таа насока, оваа година за прв пат во општина Дебрца се спроведува проектот за безбеден раст и развој на децата, со кој се опфатени околу  350 ученици од прво до осмо одделение. Како што вели кинезитерапевтот Јован Каланоски од студиото „Кинезио“,  во тек се прегледите кои треба да укажат на евентуални деформитети кај младата популација од оваа општина.

Оваа година за прв пат во општина Дебрца, благодарение на градоначалникот Игор Трајковски, се реализира овој проект. Иако бројката е помала за разлика од Охрид, сепак кај 50 отсто од младите се јавува некој деформитет. Засега се откриени неколку деца со посериозни проблеми, кои веќе започнаа да тренираат во насока на корекција на деформитетите.“ – вели Каланоски,

Тој објаснува дека бројот на децата со деформитети во руралните средини е значително помал во однос на оние кои живеат во урбаните.

Доста од децата се прегледани и можам да кажам дека за разлика од оние кои живеат во урбана средина, децата од руралните области помалку се среќаваат со овие проблеми. Можеби тоа се должи на условите, начинот на живот, но и поголемата спортска активност во текот на слободното време.“ – објаснува Каланоски.

Според него, овие прегледи потребно е да се извршуваат во континуитет, со оглед на тоа што деформитетите кои не се вродени,  се јавуваат уште на осум годишна возраст, кога децата активно се вклучуваат во обрзовниот процес.

Кај децата на таа возраст можат да настанат проблеми од денес за утре. ‘Рбетите им се многу меки, мускулатурата не е доволно формирана, па сериозен проблем може да настане и од невнимателно седење. Така да, планот е секоја година да се прават овие прегледи, да се држи една контрола на децата, за да не ни избега нивниот правилен раст и развој.“ – вели Каланоски.

Оваа година, проектот за безбеден раст и развој на децата изостана во општина Охрид, со кој во изминатите две години беа опфатени околу 1000 ученици од основните образовни институции.

Проектот кој го спроведувавме во изминатите две години покажа дека драстично се зголемува бројот на деца кои имаат проблеми со мускулно скелетниот систем. Беа опфатени децата на 11 годишна возраст, бидејќи тоа е границата каде почнуваат да се јавуваат овие деформитети или искривувања. Процентот беше доста висок, односно повеќе од 80 проценти имаа проблеми со кичмата, вратот, нозете или стапалата. Преку проектот им беше овозможено да вежбаат, а многу од нив продолжија со спортски активности.“ – вели Каланоски.

Тој се надева дека до крајот на школската година, децата од охридските основни училишта ќе имаат шанса да бидат дел од овој хуман проект, кој треба да укаже на евентуални деформитети кај младите.

Се надевам дека општината ќе ни излезе во пресрет за да можеме да го реализираме овој хуман проект, кој што е за доброто на целиот градот. Тие деца се нашата иднина, која треба да биде здрава и работоспособна. Доколку не се преземат мерки, лично ќе се нафатам да ги прегледам учениците и ако најдеме дете со сериозни проблеми, навремено ќе го опоменеме да почне со соодветна терапија и третман во насока на корекција на деформитетот.“ – завршува Каланоски.

O.T.