Проектот „Извори Св. Наум – Инвентаризација на биолошки карактеристики и екосистемски услуги (SN_BESI)“ поднесен од страна на Јавната установа Национален парк Галичица Охрид помеѓу петте одбрани проекти кои добија финансиска поддршка од Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа и Abrdn добротворната фондација. Проектот е одобрен официјално вчера. Од ЈУНП Галичица информираат дека единствено Галичица е истовремено биосферен резерват и регион на природно и културно наследство на УНЕСКО од сите одобрени проекти.
Во рамките на проектот ќе се спроведат истражувања и попис (инвентар) на водната флора и фауна на изворите Свети Наум – најнови информации согласно меѓународно прифатена методологија, ќе се проценат видовите и живеалиштата според релевантните директиви (Европските директиви за видови и живеалишта, Европската директива за инвазивни и ненативни видови итн.), ќе се развијат еколошки едукативни пакети кои ќе се користат во Свети Наум за едуцирање на различни целни групи за вредноста на самото место и биолошките, еколошките и културолошките карактеристики, а ќе се спроведе и проценка на состојбата на екосистемите и екосистемските услуги преку интегративен метод на оценување. Активностите започнуваат од 1 август, велат од ЈУНП Галичица.
Сите резултати и алатки, велат, кои ќе бидат развиени во рамки на имплементацијата на овој 10 месечен проект ќе бидат интегрирани во стратешките документи на Јавната установа Национален парк Галичица.
УНЕСКО од друга страна ќе работи заедно со избраните локации за да обезбеди резултатите да се вклопат во приоритетните области на научните програми на УНЕСКО: Програмата за човекот и биосферата (MAB), Меѓувладината хидролошка програма (IHP) и Меѓувладината океанографска комисија на УНЕСКО (IOK), потенцираат од установата.
Имено, во март 2022 година, Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа и Abrdn добротворната фондација објавија 3-годишно партнерство кое вклучува договор за финансирање проекти од локалитети запишани на листата на УНЕСКО (биосферни резервати, глобални геопаркови и локации на природно светско наследство), велат од ЈУНП Галичица, додавајќи дека тие ќе имаат за цел да промовираат одржливост преку истражување, образование и иновативни решенија за предизвиците на животната средина и климатските промени.
Потоа, интердисциплинарниот проект на ова партнерство, „Промовирање на одржлив развој преку програмите и локациите на УНЕСКО“, ја помина својата прва важна пресвртница: 5 одредени локации на УНЕСКО беа избрани од 25 апликации од повеќе од 20 земји за првиот циклус на проектот.
Останатите одобрени проекти се од Грција, Словенија, Италија и Велика Британија.
Н.С.Ј.