Ќе се изведе музика од албумското издание “ Love is the way” и теми од филмовите “Сенки” на Милчо Манчевски и „Војната заврши” на Митко Панов. Концертот ќе биде збогатен со поезија од Џелаледин Мевљана Руми (Суфизам, 13 век), како и од наши познати македонски класици во поезијата, Петре М. Андреевски, Константин Миладинов и Гане Тодороски.
– Многу сум возбуден поради денешниот концерт, можеби и повеќе одколку пред настапот во Карнеги Хол, бидејќи овде доаѓаме во полн состав, како што и првично го замислував проектот. Се радувам што настапуваме на толку значаен датум, како што е 2- ри август, еден од најголемите празници во Македонија и драго ми е што сите успеавме да дојдеме овде со оглед на бројните обврски кои секој од нив ги има. Со години посакував да се случи нешто вакво, особено на просторот на Античкиот театар, изјави на денешната прес конференција, Дуке Бојаџиев.
Дуке Бојаџиев е еден од најзначајните македонски композитори со импресивна меѓународна кариера. По дипломирањето на престижниот Беркли Колеџ живее и работи во Њујорк. Познат е по работата на полето на филмската музика и современата музичка продукција, вклучително: „Пекол“ на Данис Тановиќ, „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Созерцание“ на Иво Трајков и „Војната заврши“ на Митко Панов. Неговата музика е дел од рекламните кампањи на врвни светски брендови, ТВ серии, и ексклузивни мултимедијални презентации.
Бојаџиев има 7 албумски изданија, а неговата музика е дел и од бројни светски компилации.