Најавите на индискиот милијардер Субрата Рој, дека до крајот на оваа деценија на брегот на езерото ќе никне еден од десетте најмодерни туристички ресорти во светот, покрена лавина реакции не само меѓу граѓаните, туку и помеѓу научните работници.
Иако надлежните институции постојано уверуваат дека овој мега проект нема да предизвика нарушување на еко-системот во Охридското Езеро, научните работници излегуваат со друга теза. Според професор д-р Здравко Крстаноски, долгогодишен научник во Хидробиолошкиот завод, проектот е катастрофално залутана идеја.
„За да го оправадам овој термин, ќе наведам само неколку моменти. Ние сме институција, која согласно законот треба да даде мислење за ваквите проекти. Имало многу проекти кои навлегувале во езерото, односно го девастирале копното како една интегрална целина езеро-копно. Кога зборуваме за „Св. Наум“, станува збор за Национален парк кој е заштитен. Ние можеме да го смениме општествениот закон, но природниот не.“ – вели д-р Крстаноски.
Тој истакнува дека со проектот ќе се уништи појасот на трска во тој дел од езерото, кој претставува нераскинлив дел од неговиот еко систем.
„Станува збор за една огромна локација, каде што имаме 3 хектари трска. Таа е живеалиште на голем број организими, птици, фауна, односно плодиште на риби во Охридското Езеро. Сето тоа со мегаломански зафат би се деградирало. Ние цело време посочуваме да не се уништувааат три метри квадратни трска, а какво ќе биде нашето размислување кога би се уништила толкава површина.“ – додава Крстаноски.
Тој го посочува фактот дека со овој проект се навлегува длабоко во езерото, што на еден начин значи продолжена рака на загадувањето од сите аспекти.
„Градиме огромен објект кој според скиците кои ги имам гледано, навлегува 750 метри во езерото. Вулгарно кажано, ако ние од брегот фрламе нешто во езерото, сега тоа ќе го фрламе 750 метри подлабоко. Самите тие бетонски градби создаваат други услови. Што би станало кога би се изградил еден таков објект кој бара придружни инфраструктурни градби.“ – потенцира Крстаноски.
За марината која е во план да се изгради во водите на езерото, Крстаноски истакнува дека таа самата по себе ќе го загадува водниот басен. Според него, сите придружни инфраструктурни објекти кои се пропратен дел од овој проект, ќе создадат огромен притисок врз Охридското Езеро.
„Ако е предвидено да нема пловни објекти на погон, односно да се користат само едрилици, до нив треба да се стигне со коли. За тоа се потребни паркинг плацеви. А во светот се забранува паркирање во близината на ваквите еко-системи. Сметајте сите тие издувни гасови кои доаѓаат од копно, се складираат во езерото. Заедно со најавените хидроавиони, ќе се создаде огромен притисок. Да не зборуваме за бучавоста. Погрешни се размислувањата дека организимите немаат чувство за бучава. Тие во почетокот се прилагодуваат, меѓутоа ако перманентно се бомбардираат со зголемена бучава, тие добиваат стрес, односно се вознемирени.“ – вели д-р Крстаноски.
Според него туризмот треба да се развива постепено, а демагогија претставува мислењето дека тој нагло ќе се развие со овој проект.
„Ние ќе создадеме комплекс, а немаме патишта, па со хидроавиони ќе се пренесуваат луѓето. За да слетуват какви било авиончиња треба да има ознаки, а патеката да биде чиста. Секое страно тело во езерото е дополнителен притосок од сите аспекти. На крајот од краиштата станува збор за амбиентот. Не можеме да правиме кич од Охрид. Ова не е град на палмите, како што се посадија кај пристаништето. Ние мораме да го зачуваме езерото со неговата природна изворност.“ – вели д-р Крстаноски, кој посочува дека ниту еден научен работник не смее да го изгуби својот интегритет и да заборави дека и припаѓа на природата.
Инаку, проектот кој треба да го реализира групацијата на милијардерот Субрата Рој „Сахара Индија Паривар“ во Љубаништа, предвидува изградба на суперлуксузен хотел – казино на вода, како и апартмани, вили, марини, голф терени и други пропратни објекти кои според најавите на инвеститорот ќе придонесат градот да стане светска туристичка дестинација.
O.T.