Универзитетот во Келн, Германија, со поддршка на Хидробиолошкиот завод од Охрид, ја завршија реализацијата на големиот научен проект SCOPSCO за утврдување на староста на Охридското Езеро, климатските промени и настанувањето на живиот свет во него. Со тоа, проектот станува најуспешен за длабочинско континентално дупчење во последните 20 години во светски рамки.
Повеќе околу целиот проект, можете да дознаете во интервјуто со професор д-р Сашо Трајановски, научен советник при ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид и менаџер за логистика на Проектот за длабочинско дупчење на Охридско Езеро.
OhridNews: Кога започнаа и како течеа проектните активности?
С.Т.: Официјално проектот започна на 31-ви март 2013 година, со повлекување на платформата за дупчење на централната точка која беше лоцирана јужно од полуостровот Лин, на македонска страна, на длабочина од 250 м. Платформата беше стабилизирана со 4 анкери тешки по 500 кг, прицврстени со челични сајли со должина од 150 метри. Еден ден подоцна, на 1-ви април опремата беше тестирана и по успешниот тест на 3-ти април се започна со дупчење. Активностите беа организирани во две смени од по 12 часа, а ги извршуваа експерти за длабочинско дупчење од ДОССЕЦЦ, САД и експерти од Институтот за геологија и минерологија од Келн, Германија.
OhridNews: Која е најголемата длабочина достигната во текот на дупчењето?
С.Т.: Најголемата длабочина е достигната во централната точка и истата изнесува 568 метри во дното на езерото. На оваа длабочина, дупчењето беше стопирано заради појавата на песок и крупни камења, кои укажаа на флувијалната фаза од генезата на езерото, како што беше и очекувано. Достигањето на оваа длабочина со зацртаната динамика на дупчење ја оправда претпоставката дека езерото е старо повеќе милиони години. Иако се дупчеше на 4 точки, најдрагоцени ќе бидат податоците добиени од централната точка каде платформата беше репозиционирана на три позиции и при што на секоја од нив се достигна длабочина над 500 метри.
OhridNews: Дали операцијата за длабочинско дупчење на Охридско езеро може да се смета за успешна?
С.Т.: Според главниот истражувач, Д-р Бернд Вагнер, комплетноста и квалитетот на примероците од седиментите ќе овозможат реконструкција на настаните во еволуцијата на езерото со точност која се мери со декади. Ако се земе во предвид квалитетот и должината на седиментите и се направи сооднос помеѓу она што беше зацртано со она што е остварено во зацртаниот рок, се добива дека успешноста на проектот е 90 отсто, со што длабочинското дупчење на Охридско езеро се етаблира како најуспешна операција за континентално дупчење во светски рамки во последните 20 години.
OhridNews: Колкава количина на седименти е добиена во текот на дупчењето и каде се примероците?
С.Т.: Вкупната должина на седименти изнесува 2100метри. Примероците од седименти се транспортирани во два наврати, и тоа првата количина од 900 метри е транспортирана при крајот на месец април (900м), додека остатокот од 1200 метри е транспортиран по завршувањето на активностите. Примероците се транспортирани во Институтот за геологија и минерологија во Келн, Р. Германија.
OhridNews: Кои се плановите за понатаму, со која динамика ќе се одвиваат анализите на седиментите?
С.Т.: Аналитичките работи, односно лабораториската обработка на материјалите ќе започне во август, во Институтот за геологија и минерологија во Келн, Германија. Во септември ќе биде одржана интернационална работилница во Пиза, на која учество ќе земат сите научници инволвирани во проектот. Главна цел ќе биде рекапитулација на активностите во рамките на проектот и одредување на динамика и методи за обработка на примероците. Ќе се разговара и за можностите за подготовка на предлог проекти преку кои ќе се овозможи финансирање на активностите од втората фаза на проектот, односно обработка на биолошките компоненти во примероците со седименти. Пред крај на годината, се планира да се добијат релевантни резултати од анализите кои ќе дадат попрецизни одговори за целите на проектот, односно староста на езерото, специјацијата и климатските промени во минатото во регионот на Северен Медитеран.
OhridNews: Што всушност означува акронимот SCOPSCO?
С.Т.: SCOPSCO-Акронимот (кратенката) е инспирирана од едно македонско пиво, но означува Научна соработка за одредување на условите на специјација во Охридско езеро.
Оливер Трајчески
фото: „Дим Дон“/OhridNews