Вештачката интелигенција ќе ја предводи четвртата индустриска револуција и ќе донесе големи промени во светот во кој живееме, вели проф. д-р Анис Сефиданис во емисијата „Напладне“ на Охридњуз. Тој во моментов работи на првиот македонски хуманоиден робот.

Вештачката интелигенција претставува светиот грал на информатичките технологии, а тоа е обид да се најде формален математички модел преку кој ќе се претстави човековата свест и со помош на компјутерот истата ќе се симулира, посочува професорот Сефиданис. Тие обиди, додава тој, се стари колку и самото човештво.

Вештачката интелигенција во чет ботот Чет ЏПТ е голем јазичен модел. Може да учи странски јазици, може да преведува, да одговара на прашања на корисникот и тоа е многу важно во развојот, бидејќи крајната цел која вештачката интелигенција се стреми да ја достигне е општа интелигенција, односно да го замени човекот во својата целовитост на интелигенција. Општата вештачка интелигенција би требало да може да се снајде во различни контексти и да решава различни задачи. Чет ЏПТ всушност е првата комерцијална алатка која би можело да дава знаци на вештачка интелигенција, – појаснива проф. д-р Сефиданис.

Професор д-р Анис Сефиданис

Според Сефиданис, заканите од вештачката интелигенција, всушност доаѓаат од самиот човек. Како алатка е софистицирана и може да биде злоупотребена како и секоја друга алатка. Реакциите мислам дека се несразмерни со достигнувањата. Главно паниката доаѓа од два извори, првиот е незнаењето, а вториот езлоупотреба на оние кои сакаат да одговорат на првата група, додава тој.

Вештачката интелигенција може да го унапреди човештвото и да ги ослободи луѓето од работи за кои не се создадени, истакнува Сефиданис.

Таа може да биде попрецизна од нас, да врши пресметки од повисок степен, да биде поконзистента, што значи бројни пати да ги повторува истите постапки со иста прецизност, да може да ги минимизира грешките, да ја зголеми нашата продуктивност. Човекот, особено последните децении, се самоексплоатира за зголемување на својата продуктивност. Јас тука вештачката интелигенција ја гледам како ослободување од потребата човекот да биде експлоатиран за зголемување на продуктивноста.  Ние не сме скроени за компулсивно-репетитивни активности како што се работа во фабрика, со едни исти монотони задачи. – вели д-р Сефиданис.

 

Професорот Сефиданис вели дека не се плаши да го отстапи возачкото место на вештачката интелигенција, а грешките кои се јавуваат во експерименталната фаза, не треба да се гледаат со предрасуди. Пристапот кон вештачката интелигенција мора да биде интердисциплинарен, смета тој, посочувајќи дека доколку сакаме таа да биде наш сожител во градовите од иднината, треба да ги разбира и  нашите нерационални потреби, нашите импулси, страсти, стравови и.т.н.

Во моментов професорот Сефиданис со неговиот тим работи на првиот македонски хуманоид – робот со човечка големина, кој ќе може да говори, учи и да ги подобрува процесите во општеството. Тој се изработувца во Институтот „Сефиданис“ во Охрид. Роботот ќе биде сличен на човекот за да може да се снаоѓа во околината.

Целта на вештачката интелигенција не е да го замени човекот, туку да го унапреди. – нагласува Сефиданис.

Според професорот Сефиданис, вештачката интелигенција доживува брз раст и драстично ќе го промени светот во кој живееме.

Таа е предвесник и предводник на четвртата индустриска револуција и ќе го трансформира секојдневниот живот најмалку како што тоа го направи електричната енергија. – додаде тој.

Проф. д-р Анис Сефиданис гостин во емисијата „Напладне“

Г.М.
Фото: Охридњуз/Фрипик