Наплатувањето на влезница во археолошкиот локалитет Плаошник е одлука на менаџментот, но пред да се пристапи кон ваков чекор потребно е да се изврши соодветно научно истражување за ефектите од истата, изјави за OhridNews деканот на Факултетот за туризам и угостителство проф. Д-р Сашо Коруноски.

– Не мора да значи ако е активна црква дека не може да се наплаќа влез, но потребно е најпрвин да се направи соодветна студија, во светот позната како контингентна студија, во која се истражува дали и колку би наплатиле и како тоа би влијаело.-вели Коруноски.

Доколку тоа не се направи, додава Коруноски, тогаш е потребно да се изготват алтернативни модели за сепак дел од средствата да влезат на Плаошник заради одржување на самиот локалитет.

-Легитимно е правото дел од приходите од туризмот да завршат во Плаошник, затоа што доколку денес таму поминат стотина туристи тие ќе газат, тие оштетуваат и дел од средствата мора да се вратат таму за конзервација, а најдиректен начин е вака со наплата на влезници.-истакна Коруноски.

Од викендов за влез во локалитетот Плаошник на странските туристи се наплаќа по 100 денари, за домашните влезницата чини 50, а студентите и учениците плаќаат по 30 денари.

Г.М.