Деновиве во просториите на Универзтитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид се одржа предавање на тема „Интернет Технологии“.
Предавањето кое го одржа визитинг професорот Едмундо Монтеиро кој доаѓа од Универзитетот Coimbra од Португалија, пред студентите даде свој увид околу интернет револуцијата во светот, развојот на 3Д технологијата, како и перспективите кои ги имаат младите кои се запишуваат на студии од оваа област.
„Нашата најголема цел со ректорот, проф. Нинослав Марина, е да разменуваме искуства и знаења преку семинари и предавања наменети за студентите. Моментално работиме на петата генерација мобилни системи. Сето тоа е во насока да го подготвиме светот за новата мобилна технолија и мрежи.“ – вели проф. Монтеиро.
„Smart city“
Како што објаснува проф. Монтеиро, Европската Унија вложува големи напори и средства за развој на мрежи, преку кои ќе се овозможи поголема преносливост и безбедност за интернет корисниците, односно поголема достапнист до информации. Според него, голем број градови имаат започнато да ја имплементираат новата мрежата наречена „Smart city“.
„Оваа мрежа овозможува поголема преносливост, побезбеден интернет за што повеќе корисници. Целта е да имаме што повеќе сензори во мрежата, кои ќе ја зголемат ефекасноста во транспоротот во градовите, или пак ќе детектираат загадување. Во многу градови е веќе започнато имплементирање на проектот, односно струјата и водоводот се поврзани преку интернет во една голема мрежа. Но има и такви населени места кои немаат ниту основни услови. Така, ни претстои многу работа за да го воведеме новиот интернет.“ – објаснува Монтеиро.
Интернетот не ја почувствува светската економска криза
Според проф. Монтеиро, интернет технологијата е во постојано движење и непречено се развива.
„Знаеме дека има голема економска криза и дека како тука, така и во Португалија, тешко е да се студира. Но во интернет технологијата нема криза, бидејќи истата е во постојано движење. Секој ден се отвораат се повеќе програмерски куќи. Така да новите студенти не треба да се грижат дали ќе најдат работа. Исто така, многу од студентите кои завршуваат отвораат свои компании, независно дали се работи за Европа, Америка, Азија или Јапонија. Никој не е во загуба, а акциите постојано се во пораст. Има и студија која вели дека програмерите се тие кои не ваѓаат од кризата, бидејќи постои голем обрт на пари и има огромна бројка на луѓе од оваа професија токму во Европа.“ – вели Монтеиро.
Многу професии директно зависни од интернетот
Голем дел од човечките професии се зависни од интернет технолгијата и компјутерите, вели Монтеиро. Според предвидувањата, во иднина тој број константно ќе се зголемува.
„Има области кои што воопшто недоволно или воопшто не користат интернет. Меѓутоа во иднина, секако дека тоа ќе се смени. Дури и за оние професии поврзани со културата и традицијата, луѓето дознаваат преку интернетот. Со него се се менува брзо. Во суштина интернет револуцијата не може никој да ја запре.“ – истакнува Монтеиро.
O.T.















